Кога се работи за најсмртоносните отрови, луѓето најчесто ги сметаат цијанидот, арсенот или стрихнинот како најопасни. Но, тоа сепак ни од далеку не се најтоксичните супстанции.

Многу поотровен од нив, а не спаѓа во првите пет најотровни на пример е тетродотоксинот, кој го содржи надуената риба, чиј отров усмртува околу 50 Јапонци годишно. Оваа риба се смета за деликатес во Јапонија, но може да биде смртоносна ако не се спреми соодветно, пренесува енаука.

Токсичноста на отровите најчесто се проценува преку методата ЛД 50 (летална доза, 50 проценти)- или дозата што ќе убие 50 проценти од тестираната популација и обично се изразува по килограм телесна тежина. На оваа скала, на пример, натриум цијанид изнесува околу 6 милиграми на килограм. За споредба, ЛД 50 за тетродотоксинот е околу 300 микрограми по килограм ако се земе орално, а само 10 микрограми ако се инјектира.

Оценувањето на токсичноста не е едноставно. Важна е хемиската состојба на супстанцијата како и начинот на кој ќе се внесе во организмот. Ако се проголта течна жива (за разлика од вдишување на живина пареа), многу е веројатно дека ќе помине низ организмот без да предизвка оштетувања. Но, кога на една американска професорка во 1996 година и паднале некоlку капки од соединението диметил жива на гумената ракавица, течноста ја пробила ракавицата и нејзината кожа, а професорката паднала во кома која завршила фатално неколку месеци подоцна.

Подолу ви ги претставуваме петте насмртоносни отрови, кои се барем сто пати потоксични од цијанидот, арсенот или стрихнинот.

Рицин

Оваа исклучително отровна билка била искористена за  убиството на бугарскиот дисидент Георги Марков, кој бил во егзил во Лондон. На 7 септември 1978 година, додека чекал автобус во близина на мостот Ватерло, тој почувствувал мал убод во десната нога. Кога се завртел, видел човек како се наведнува да подигне чадор. Марков набрзо бил примен во болница со висока темпеатура, а починал само три дена потоа.

При обдукцијата во ногата на Марков  е откриена мала куглица направена од легура од платина-иридиум. Во куглицата било ставено мало количество од рицин и веројатно била испукана од воздушен пиштол скриен во чадорот.

Рицинот се добива од зрната на билката рицинус (ricinus communis). Тој е гликопротеин кој ја пореметува синтезата на протеините во клетките, прдизвикувајќи клеточна смрт. Рицинот има ЛД 50 од 1-20 милиграми по килограм ако се земе орално, но ако се вдиши или инјектира потребно е многу помалку за да убие (како во случајот со Марков).

„VX“ (нервен агенс)

Во оваа петорка ова е единствената синтетичка супстација. „VX“ е нервен агенс со густина како моторно масло. Создаден е од истражувачите на „ICI“ во почетокот на 1950-тите години, со намера да се користи како пестицид, но се покажал многу токсичен за користење во земјоделството.

Нервните агенси убиваат со тоа што го пореметуваат преносот на импулсите помеѓу невните клетки, преку спречувањето на работата на ензимите кои го овозможуваат овој пренос. Со тоа се пореметува контракцијата на мускулите што на крај доведува до смрт поради гушење.

„VX“ има ЛД 50 од само 3 микрограми по килограм (иако според некои извештаи оваа бројка е малку повисока)

Батрахотоксин

Овој моќен отров се наоѓа во кожата на две мали жаби. Домородните Индијанци во западна Колумбија го извлекуваат овој отров од жабите „Phyllobates terribilis“ и  „Phyllobates bicolor“ со помош на оган и го ставаат на своите стрели што ги користат за ловење.

ЛД 50 изнесува околу 2 микрограми по килограм, што значи дека е доволна количина колку две зрнца сол за да убие човек.

Интересно е што овие жаби одгледани надвор од нивното живеалиште не се отровни што укажува дека отровноста им потекнува од исхраната.

Маитотоксин

Постојат многу морски отрови, како што е сакситоксинот, кој е честопати причина за труење после јадење на контаминирани школки. Но, најтоксичен од сите морски отрови е маитотоксинот. Го создава еден вид морски планктони – динофлагелате и има многу сложена структура.

Маитотоксинот е кардиотоксин, а ЛД 50 е нешто помала од батрахотоксинот.

Ботулин

Научниците се сложуваат дека ботулинот е најсмртоносниот отров. Ботулинот го продуцира анаеробната бактерија „Clostridium botulinum“, а ЛД 50 изнесува 1 нанограм по килограм. Постојат неколку видови на ботулин токсин, од кои ботулин А е најтоксичен. Ботулинот е невротоксин и предизвикува парализа на мускулите.

Овие паралитички својства на ботулинот се искористени и за ботоксот кој се користи во козметиката, но се користи и во други клинички состојби како што е страбизам (вкрстени очи).

Парацелзиус уште пред 500 години рекол „Сите работи се отровни и ништо не е без отров. Само дозата е она што прави некоја работа да не е отров“. И бил во право, ние сме опкружени со потенцијално опасни супстанции, но дозата е таа што ги прави смртоносни.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...