За две третини од примателите на зголемениот минималец од 14.500 денари, работодавачите ќе имаат проблем да обезбедат месечна плата. Анализата на институтот за економски истражувања „Finance Think“ покажува дека со претходното зголемување на минималната плата од 10 на 12 илјади денари се преполовил бројот на вработени кои освен плата добивале и ќеш во плик. Пресметките покажуваат доколку износот беше на ниво од 13.500 денари, работодавачите ќе имаа помали проблеми со исплатата.

Зголемувањето на минималната плата треба да се гледа паралелно со Законот за субвенционирање на платите. Тоа е значајно од два аспекти, Законот ќе придонесе за општ пораст на платите, а при тоа ќе биде потребно да се зголеми и оптималното ниво на минималната плата. А од втор аспект овој пораст на минималната плата голем дел од работодавачите ќе го финансираат токму преку Законот за субвенционирање на плати – изјави Благица Петрески, Finance Think.

Доколку власта се обидува да го одржи предизборното ветување и за две години минималецот се качи на 16 илјади денари, тоа мора да биде засновано на продуктивноста на работната сила, но и потенцијалот на економијата. Никако не смее да биде вештачки додава Петрески.

Се со цел порастот на плати да биде одржлив на долг рок потребно ни е да преземеме чекори каде што компаниите кои денес се слабо продуктивни ќе ги претвориме во многу посилни, многу попродуктивни на еден среден рок се со цел растот да биде следен од продуктивноста – рече Благица Петрески, Finance Think.

Власта, работодавачите и синдикатот се договорија од декември минималната плата во земјава да изнесува 14.500 денари. Од Организацијата на работодавачи веднаш соопштија дека на дел од помалите фирми им се заканува ликвидација, а вработените ако имаат среќа ќе се вработат во некоја поголема компанија. Од власта пак не очекуваат голем број на компании да згаснат, иако потврдија дека немаат направено анализа колку од фирмите ќе може да исплаќаат зголемен минималец за две илјади денари. Стопанската комора и Комората на северозпадна Македонија ја поддржа мерката, додека Сојузот на стопански комори не се појави. Сметаат дека вештачкото покачување на платите и наштетува на економијата. Минимална плата во Македонија добиваат околу сто илјади граѓани.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...