Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Република Австрија, денеска се сретна со претседателот на Националниот совет на Сојузното собрание на Република Австрија, Волфганг Соботка.

На средбата, во пресрет на одбележувањето на 25 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи во декември годинава, соопшти Кабинетот на Пендаровски, двајцата соговорници констатираа одлични билатерални односи во многу области од заеднички интерес и беше изразено заемно задоволство од воспоставената извонредна соработка заснована на заедничка доверба и разбирање на различни нивоа на институционално партнерство меѓу двете држави.

Претседателот Пендаровски ја нагласи неопходноста за натамошно интензивирање на соработката во рамките на парламентарните групи како важен предуслов за зајакнување на севкупните билатерални односи. Тој изрази задоволство од континуираниот интерес на Австрија и нејзината клучна улога во целокупниот просперитет и стабилност на Северна Македонија и на целиот регион на Југоисточна Европа.

Во контекст на нашите европски интеграции, нагласувајќи ги долгогодишните напори и австриската поддршка, силно демонстрирани за време на претседателството со ЕУ во втората половина на 2018 година, претседателот Пендаровски истакна дека нивната принципиелна поддршка е значајна во октомври 2019 година, кога очекуваме потврда на нашите напори, со носење одлука за започнување преговори за пристапување. Во меѓувреме државата е целосно посветена на реформската агенда како и на креирањето на добрососедската политика во Југоисточна Европа, подвлече претседателот Пендаровски, потенцирајќи дека неговото политичко дејствување, и во странство и дома, има една цел, а тоа е членство во Европската унија и НАТО и заокружување на реформите, за да се обезбеди иднината на државата и благосостојбата на сите нејзини граѓани.

Претходно, претседателот Пендаровски со највисоки државни и воени почести беше примен од австрискиот претседател претседател Александер Ван дер Белен, а оствари средба и со сојузната канцеларка, Бригит Биерлејн.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...