Позитивна одлука би била заслужено признание за досегашната улога на Северна Македонија, како во креирањето на добрососедската политика во Југоисточна Европа, така и во европските интегративни процеси во кои нашата држава несебично дава свој придонес, истакнал претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со претседателот Александер Ван дер Белен во Република Австрија.

Сојузниот претседател Ван дер Белен, реафирмирајќи ја австриската поддршка во нашите евроинтеграциски процеси, истакнал дека нашата држава заслужува да добие датум за почеток на претпристапните преговори.

Претседателот Пендаровски, како што соопштува претседателскиот кабинет, во пресрет на одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, се заблагодарил за силната поддршка што земјава во континуитет ја добива од Австрија на нејзиниот евроинтеграциски процес и изразил верување дека поддршката ќе продолжи.
-Граѓаните на Северна Македонија оваа недела го очекуваат датумот за почеток на претпристапните преговори, истакнал претседателот Пендаровски, потенцирајќи дека за државата не постои друга алтернатива.

Претседателот нагласил дека стабилноста на регионот е поврзана со евроинтегративните процеси, потенцирајќи дека Западен Балкан е дел од Европа и е исто толку важен за проектот ЕУ како и земјите основачи.

На средбата, како што информира претседателскиот кабинет, Пендаровски и Ван дер Белен разговарале и за унапредување на меѓусебната економска соработка. Претседателот Пендаровски подвлекол дека Австрија како најголем странски инвеститор во нашата држава со вкупни инвестиции од над 600 милиони евра, е значаен трговски партнер на Северна Македонија.

Во рамки на официјалната посета на Република Австрија, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средби и со сојузната канцеларка, Бригит Биерлејн и со претседателот на Националниот совет на Сојузното собрание на Република Австрија, Волфганг Соботка.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...