Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска престојува во официјална посета на Република Австрија. Со највисоки државни и воени почести претседателот Пендаровски во Виена беше примен од сојузниот претседател Александер Ван дер Белен, со кого оствари и билатерална средба.

Претседателот Пендаровски се заблагодари и за силната поддршка којашто Северна Македонија во континуитет ја добива од Австрија на нејзиниот евроинтеграциски процес и изрази верување дека поддршката ќе продолжи.

Двајцата претседатели разговараа и за одлуката којашто Северна Македонија ја очекува од Европскиот совет за почеток на претпристапните преговори за членство на земјата во ЕУ, при што претседателот Пендаровски истакна дека позитивна одлука би била заслужено признание за досегашната улога на Северна Македонија, како во креирањето на добрососедската политика во Југоисточна Европа, така и во европските интегративни процеси во кои нашата држава несебично дава свој придонес.

Граѓаните на Северна Македонија оваа недела го очекуваат датумот за почеток на претпристапните преговори, рече претседателот Пендаровски на средбата со претседателот Ван дер Белен, потенцирајќи дека за државата не постои друга алтернатива.

Стабилноста на регионот е поврзана со евроинтегративните процеси, нагласи претседателот Пендаровски, потенцирајќи дека Западен Балкан е дел од Европа и е исто толку важен за проектот ЕУ како и земјите основачи.

Сојузниот претседател Ван дер Белен, реафирмирајќи ја австриската поддршка во нашите евроинтеграциски процеси, истакна дека Северна Македонија заслужува да добие датум за почеток на претпристапните преговори.

На средбата, претседателите Пендаровски и Ван дер Белен разговараа и за унапредување на меѓусебната економска соработка. Претседателот Пендаровски подвлече дека Австрија како најголем странски инвеститор во нашата држава со вкупни инвестиции од над 600 милиони евра, е значаен трговски партнер на Северна Македонија.

Во рамки на официјалната посета на Република Австрија, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средби и со сојузната канцеларка, Бригит Биерлејн и со претседателот на Националниот совет на Сојузното собрание на Република Австрија, Волфганг Соботка.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...