Партиите сè уште се далеку од договор за новиот состав на Државната изборна комисија. Претседателот на Собранието, Талат Џафери вели дека меѓупартиските договарања не се негов или проблем на Собранието. Тој потсети на законските можности што ги има за да го стави на гласање новиот состав на ДИК, но според него, тоа е опасен чекор.

„Јас не сум без моќ. Има процедура, не е работата во тоа дали Собранието има сили или не. Има процедура предвидена со закон. Не е мој проблем или проблем на Собранието тоа што партиите не можат да се договорат. Што ќе значи ако некој одлучи да блокира? Јас имам законска можност за тоа да се дојде до гласање, но што ако некој не го почитува тоа? Работа на политичките партии е да го остварат тоа што го бараат“, изјави Талат Џафери, претседател на Собранието.

Барањето на ВМРО-ДПМНЕ, прво да се донесат измени во законите за влада и за финансирање на партиите, според Џафери, не е во негова надлежност.

„Не е мој проблем тоа што бара ВМРО. Собранието има предвидена постапка и партиите се залагаат да ги изберат овој метод и начин, односно да го вратат старото законско решение за избор на ДИК“, рече Џафери.

Актуелно судбината на оваа комисија остана во фаза на прочистување на листите со кандидати. По ова, матичната собраниска комисија го информира претседателот на Собранието кој потоа бара изјаснување од партиите. Потоа Комисијата до претседателот на Собранието предлага претседател, потпретседател и членови на ДИК за кои се одлучува на пленарна седница. А, додека постапката за ДИК е блокирана, течат роковите за евентуално распишување на референдум во термините за кои премиерот Заев зборуваше во јавноста, односно септември или октомври. Ако до крајот на месецов не се формира ДИК, тогаш се става под знак прашање најавата на Заев за референдум кон средината на септември. Според Законот за референдум од 30 до 60 дена пред неговото одржување, Собранието треба да го распише референдумот, а за 60 до 90 дена треба да заврши целата постапка, односно распишувањето, кампањата и објавувањето на резултатите од гласањето.

Адријан Керими

Shpërndaj me