СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ финансиски ќе ги поддржат кампањите на кандидатите за претседател на државата, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова, не наведувајќи колку пари ќе потрошат за тоа.

Различно ќе се финансира кампањата на Блерим Река. Иако тој е поддржан од Алијанса за Албанците и движењето Беса, претставниците на Река велат дека нема да користат финансиска поддршка од овие партии.

„Имаме луѓе што ќе донираат, приватни бизниси, роднини. На крајот од кампањата гласовите се исплаќаат, а ние го предвидовме и тоа како дел што ќе влезе во делот на кампањата“, рече Флорин Хасани, шеф на штабот на кандидатот Блерим Река.

Сепак, политичките партии ќе ги финансираат само активностите на терен, бидејќи според новиот Изборен законик, медиумското рекламирање на кандидатите ќе биде платено од државниот буџет.

„Тоа е членот 76-Д од Изборниот законик кој го регулира прашањето за финансирање на кампањата во однос на застапеноста на кандидатите во медиумите, електронски или пишани медиуми, а тука и радиодифузерите, каде што е нагласено дека финансирањето на платената политичка кампања ќе биде финансирана од Буџетот на Република Македонија, а токму Министерството за финансии ќе ги предвиди овие средства за оваа намена на посебна сметка“, рече Адмир Шабани, ДИК.

Според член 84 од Изборниот законик, учесниците во изборната кампања можат да потрошат најмногу 110 денари за секој запишан гласач во Избирачкиот список. Кампањата за претседателските избори официјално ќе започне на 1-ви април.

Мефаил Исмаили

Loading...

Shpërndaj me