Мерењата на Државниот завод за статистика го екипираше економскиот тим на Владата и премиерот Зоран Заев. Откако бројките покажаа пад на невработеноста и раст на Бруто домашниот производ, највисоките претставници на владата на прес-конференција соопштија денеска дека во првите три месеци од годинава стапката на раст на БДП изнесува 4,1 отсто.

„Задоволство ми е денеска да соопштам дека растот на бруто домашниот производ во првиот квартал изнесува 4,1 процент, што е највисокиот квартален износ во последните две години. Математички прецизно, има разлика. Разликата од пред две години е 4,1 процент. Очекуваме разликата да се зголемува зошто во вториот квартал стапката на раст на БДП во 2017 година беше минус 1,8 проценти. Со оваа разлика паѓаат во вода вчерашните небулози на ВМРО – ДПМНЕ дека нема напредок во економијата“, рече Заев.

Владата ги презентираше и бројките за падот на невработеноста која во првите три месеци од годинава е 17,8 проценти. Во однос на лани падот бележи 3,8 отсто. На крајот од 2018 година стапката на невработеност беше 19, 4 проценти. Според податоците на статистика, во првите три месеци од годинава невработени се 171.329 луѓе. Во однос на првите три месеци од ланската година споредбено со оваа, системот бележи 41 илјада плус вработени. Падот на невработеноста за вицепремиерот Кочо Анѓушев е поради економските политики на владата и растот на странски инвестиции.

„Од моментот кога оваа влада стапи во својата функција запослени се 49.522 вработени или стапката на незапосленост од 22,6 отсто во вториот квартал од 2017 година во првиот квартал од 2019 година е 17,8 проценти или апсолутен пад на невработеноста од 4,8 проценти или ќе повторам тоа се 49.522 вработени“, рече Анѓушев.

Заев одби да одговори колкав економски раст ќе забележи земјава на крајот од годината иако претходно најавуваше дека 2019 ќе биде економска година која би требало да донесе раст и до 4 проценти. Минатата година се заврши со раст на економијата од само 2,7 проценти.

Бојан Стојановски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...