Наместо во депонија, големи количини на отпадно масло за готвење од регионот нa Охрид секоја година се собираат и потоа одат на понатамошна обработка и третман. Тоа го прават неколку овластени фирми. Целта на овој проект, кој општината Охрид прва почна да го спроведува уште во 2009 година е употребеното масло за готвење oд хотелските капацитети, ресторани, но и од домаќинствата да не се фрла со другиот комунален отпад.

„Ние работевме и со домаќинствата. Поделивме кантички од три литри за да го собираат маслото кое го генерираат во своите домови со пржење и готвење на храна. Некои прифатија и веќе работат со фирмата. Земаат празна кантичка, а даваат полна. Тој процес тече, но таа количина е помала во однос на собирањето на ваков вид на отпад од правни субјекти“, вели Хавза Реџеп Какил-раководител на сектор за животна средина општина Охрид.

Најголемите количини доаѓаат од хотелските капацитети во Охридско-струшкиот регион.

„Години веќе хотел Дрим соработува со фирма која го зема маслото кое е отпад практично во кујната и го дистрибуира понатаму. Станува збор од прилика за тон ипол масло на годишно ниво. Претходно го фрлавме бидејки немавме друга опција што да правиме со маслото. Сега барем се реши тој проблем“, изјави Ана Јанчева-Хотел Дрим-Струга.

Собраното масло се користи за производство на био маса, односно био енергија. Иако во земјава производството на енергија од отпад сè уште не е развоено, во развиените земји тоа е секојдневие.

„Мислам дека тие го извезуваат надвор, каде понатаму се врши нивна преработка и потоа се користи како секундарна суровина“, рече Хавза Реџеп Какил-раководител на сектор за животна средина општина Охрид.

На овој начин се придонесува во заштита на животната средина, но и за здравјето на граѓаните. Во последните 10 години само од една приватна компанија биле собрани скоро 190 тони отпадно масло.

Мики Трајковски

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...