Состојбата со градското пристаниште во Охрид од ден на ден станува сè полоша. Сопствениците на чамци и бродови, но и граѓаните се жалат дека пристаништето се распаѓа, потпорните ѕидови се оштетени, исто како и спустот за пловилата. За овие проблеми Алсат известуваше уште пред околу една година, но оттогаш не е направено речиси ништо. Од Охридската капетанија сега имаат ветување. Велат – санацијата на градското, но и на пристаништето во Свети Наум ќе почнело во ноември.

Од страна на Министерството за транспорт и врски ќе биде преземена активност за продлабочување на пристаништата бидејќи помина период од пет години од последното багерување на пристаништата, така што ситуацијата и хидробиолошката состојба е стабилна, односно немаме врнежи, а водостојот веќе опаѓа. Санација ќе има поготово на спустот на пловилата кој многу малку се користи, меѓутоа е една визура која е забележлива во центарот на градот и е инфраструктурна целина којашто естетски е потребна да биде добра – изјави Горан Устијаноски-капетан на пристаништа.

Устијаноски сепак, нагласува дека најавените активности нема да го решат просторниот проблем со паркирањето, поради сè поголемиот број на пловни средства во езерото. За тоа вели е неопходна надградба на самото пристаниште, со два дополнителни краци. Но, бродарите во Охрид не веруваат во никакви најави за санација сè додека не видат дека се работи на лице место.

Многу се зборувало за тоа и додека не го видиме, не веруваме. Ова пристаниште е изградено во триесеттите години и сега е во не баш добра состојба. Прво, не е ископано, а нивото на езерото паѓа. Ќе ја пречекаме зимата од оваа страна каде што се небезбедни бродовите. На отворено се. Во невреме што ќе правиме? Другата страна е плитка. Не можеме да се паркираме. Треба копање, а очајна е состојбата и во Свети Наум – рече Зоран Ѓилески-капетан на брод.

Пристаништето во Охрид е изградено минатиот век за време на кралството Југославија во 1938 година. Пристаништето кај Свети Наум пак, доста се користи за туристички цели, односно за посета на манастирскиот комплекс и на изворите на Црни Дрим.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...