Тешко дека до наредната 2020 година општините Охрид и Струга да можат да ги затворат дивите депонии кои се наоѓаат во нивна близина. Тоа им е обврска што произлегува од акцискиот план кој летово го изгласаа советите на двете општини согласно препораките на УНЕСКО. Станува збор за градската дива депонија на влезот на Струга и депонијата Буково каде Охрид го одлага отпадот.

„За депонијата да се затвори треба да имаме алтернатива. Ние сè уште чекаме на Владата, на најавата за регионална депонија која ќе биде во интерес на сите…“, рече Љупчо Грданоски, Директор на Охридски комуналец.

Освен справувањето со дивите и нееколошки депонии, остануваат само уште околу 80 дена до кога Охрид, Струга и државата ќе треба на УНЕСКО да му приложат извештај што и како е сработено во делот на препораките за зачувување на сегашниот статус. И најжешкото прашање е сè уште во статус кво. Тоа е уривањето на дивоградбите.

„Ќе се руши. Ние си имаме свој план. Кога ќе дојде време ќе постапуваме. Рушењето на дивоградбите не се само машините на терен. Ние во меѓувреме ги тераме правните постапки. Појавувањето на градежната механизација за отстранување е веќе крајот на сета таа акција“, изјави Константин Ѓеорѓиески-градоначалник на Охрид.

Мисијата на УНЕСКО која месецов требаше да дојде во инспекција во Охрид била одложена за декември или за почетокот на наредната година. Од општина Струга и понатаму не кажуваат ништо колкава е бројката на дивоградби на нивна територија иако со акциониот план кој Советот на општината го донесе уште во август, беше предвидено изработката на деталниот попис со вкупниот број на сите постоечки бесправни градби да заврши до октомври есенва.

Мики Трајковски

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...