Членот 11 од Законот за помилување не постои, па затоа законодавно-правната комисија ја отфрли иницијативата за негово автентично толкување. Гласањето беше едногласно иако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ воопшто не се вклучија во расправата. Според мнозинството, помилувањата од 2016 година што ги даде екс-претседателот на државата Ѓорѓе Иванов заснована токму на овој член, биле незаконски. Затоа, според нив, ниту Уставниот суд не може да го оценува членот 11-а кој произлегува токму од членот 11 кој во тоа време му даде можност на претседателот Иванов да ги повлече помилувањата.

„Не можеме да толкуваме член кој не постои. И другите партии почнаа да се будат од сон. Да го поддржиме ветингот кој треба да се направи на системот на нашата земја“-изјави Ејуп Алими, ДУИ.

ВМРО ја поддржа одлуката со тоа што рекоа дека не сакаат да ù дадат причина на власта да ги обвинува за неуспесите. За опозициските албански партии, власта повеќе нема кредибилитет да зборува за судски реформи.

„Јас би верувал многу во борбата на оваа Влада против криминалот ако истата не усвоеше закон за амнестија со што дозволи да се амнестираат високи претставници на минатата власт кои сега се претставници и на оваа власт“-рече Фадил Зендели, БЕСА.

„Дали некој слушнал да биде покрената било каква кривична постапка за министрите кои ја злоупотребија функцијата и вршеа притисок при изборот на обвинители и судии?“-нагласи Сурија Рашиди, Алијанса за Албанците.

А, претходно утринава, судиите во Уставниот суд додека се чекаше на заклучокот од собраниската законодавно-правна комисија не ја отвори најавената дискусија за оценување на членот 11-а, иако тоа беше точка на дневниот ред. Од оваа институција соопштија дека тоа ќе го сторат на наредната седница и им дадоа време на пратениците да се изјаснат. Во 2016 година тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов помилуваше 56 тогашни актуелни и поранешни високи функционери осомничени во предметите на СЈО без да се спроведе соодветната процедура за помилување. Но, членот 11 кој некогаш на претседателот му го овозможуваше тоа право, бил укинат уште во 2009 година. Уставниот суд тогаш оцени оти членот треба да продолжи да важи, но Собранието не ги спровело соодветните процедури.

Фатлуме Дервуши

Loading...

Shpërndaj me

Loading...