Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, од Брисел изјави дека откако Македонија би станала членка на НАТО, патот кон Европската унија би бил полесен. Според него, со почетокот на скрининг-процесот од следната недела, ќе стане јасно каде има застој и што треба да се подобри за да се постигнат европски стандарди.

„Ако има некаква позитивна страна од 17 годишното „статус кво“ на патот кон ЕУ, тоа е фактот дека е создадено долго искуство уште од 2001 година. Со добивањето датум, оваа ослободена енергија ќе го мобилизира сето искуство кое моментално не го гледаме, но тоа е наталожено во цели генерации на луѓе. Ние го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација неколку месеци пред Хрватска, која неколку години по ред е членка на ЕУ и сега сè ќе биде мобилизирано. Оваа енергија од НАТО и од ЕУ нема да остави ниту еден камен без да се мрдне во Македонија во функција на создавање на оваа перспектива која ја очекуваат граѓаните од нас. Следната недела во Македонија ќе дојде комесарот Хан и ќе започне со „скрининг“. Ова значи дека ќе се направи пресек за тоа каде се наоѓаме и каде треба да стигнеме за да го процениме просторот кој треба да го пополниме. Мислам дека ова потоа ќе ни создаде и временска, но и просторна рамка за имплементирање на сите потребни критериуми“, изјави Бујар Османи – вицепремиер за европски прашања.

Shpërndaj me