Над 10 милиони лица, повеќе од 40 отсто од жителите на Северна Кореја имаат потреба од хуманитарна помош, соопштија од Обединетите нации.

Постојат „многу јасни докази за потребите од хуманитарна помош во Северна Кореја“, изјави претставникот на ОН за хуманитарни прашања Марк Лоукок за време на првата посета на оваа изолирана земја.

Лоукок пристигна во Пјонгјанг во понеделникот и објави видео снимка за тоа што го забележал за време на патувањето во неколку подрачја на југозападот од земјата.

„Една од работите кои ги видовме е многу јасен доказ за потребата од хуманитарна помош. Над половина од децата во руралните подрачја немаат чиста вода, загадени се изворите“, вели Лоукок во видеото.

Официјалните претставници на ОН предупредуваат дека меѓународните санкции за севернокорејското нуклеарно оружје и балистичката програма  предизвикале проблеми односно забавување на испораката на хуманитарна помош.

Најмалку 20 отсто од децата во Северна Кореја страдаат од неухранетост, што укажува на потребата од повеќе средства.

Пристапот на хуманитарните работници е подобрен, рече Лоукок, но додаде дека немаат доволно ресурси.

ОН соопшти дека мора да го прекине снабдувањето со храна за детските градинки во Северна Кореја поради недостиг од пари и дека во  приоритетниот план за 2018 година недостасуваат 90 отсто од средствата.

За време на посетата на болницата која нема помош од ОН, Лоукок рече дека во болницата има 140 лица заболени од туберкулоза, а лекот е достапен само за 40 пациенти.

 

Shpërndaj me