ОКТА ја обвини Царината и Пазарниот инспекторат дека дозволуваат да се увезе мазут во спротивност со Правилникот за нафтени деривати. Од компанијата велат дека двете институции си ги префрлаат одговрностите и ниту една од нив не сака да го запре увозот. На средба со новинари, од ОКТА презентираа царинска декларација во која јасно се гледа дека одредени параметри на мазутот се над дозволените вредности пропишани со Правилникот. Но, ова не било доволно Царината да ги запре на граница цистерните, а Инспекторатот да издаде забрана за увоз. Неделно над 30 цистерни со вков мазут завршуваат во ФЕНИ, кој е увозник на овој дериват. ОКТА побарала да се изврши контрола на квалитетот на мазутот. Од Пазарниот инспекторат велат дека уште не ги добиле резултатите од мострите и наведуваат дека веднаш постапиле по поплаката на „ОКТА“. Лабораторијата Макинспект земале мостри од шест цистерни и досега резултатите не биле испратени во инспекторатот. Директорот Стојко Пауновски вели дека тие не пропуштаат цистерни, но и дека немаат право да ги запрат. Ако се докаже дека се отстапува од стандардот, ќе ја казнеле компанијата увозник со глоба од 10.800 евра, изјави Пауновски.

Shpërndaj me