Намалување на глобите предвидени со законот за работни односи, прецизирање на обврските за исплата на регресот за годишен одмор. Ова се дел од барањата на бизнис-секторот адресирани до власта, за подобрување на состојбата на пазарот на труд. Тие апелираат и да се најде начин да се искорени злоупотребата на платеното отсуство од работа, да се воведе договор за вршење работа од дома и слично.

„Барањата на фирмите секогаш беа во насока на поголема флексибилност во процесот на воспоставување, реализирање и претставување на работниот однос во еден вид на дерегулација, но сигурно не анархија…“, рече Љубомир Димовски, директор на проект на УСАИД,  „перспективи за подобра бизнис клима“.

„Опфатеноста на овие мерки коишто ќе помогнат во изготвување на квалификувана работна сила мора да биде неопходна и безрезервна. Самите квалификувани работници се оние кои држат во живот една компанија и придонесуваат за економски раст во земјата“, рече Неби Хоџа, претседател на Стопанска комора на северозападна Македонија.

Подолг период, едни исти професии претежно од услужните дејности недостасуваат во приватниот сектор.

„…Подобро е да има знаење и струка и со неа добро да живеете и заработувате од вашата 18 или 19 година отколку да завршите универзитет кој нема да биде почитуван и од кој на крај ќе добиете едно ливче што се вика диплома со која не ќе знаете што да правите ако е несоодветна на реалната состојба во државата“, рече Кочо Анѓушев, вицепремиер за економија.

Најновиот извештај на Светска банка за пазарот на труд во регионот покажува дека обемот на работа на црно се зголемува во земјава и во Албанија. Дека лошото менаџирање со образовниот процес е главниот виновник за недостатокот на квалификуван работен кадар, говорат и бројките. Во последниве 10 години, поради иселувањата и негативниот природен прираст, има 15 илјади ученици помалку запишани во средно образование. Но, во исто време има раст на бројот на студенти по факултетите. Во 2005-та имало 48 илјади студенти, а денес близу 60 илјади.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me