Нема нови детали за случајот „Рекет“ и за чекорите кои ги презема Обвинителството за организиран криминал. Се чека вештачењето на мобилните телефони на Катица Јанева, кои треба да дадат одговор дали комуницирала со Боки 13 кој е прво осомничен за изнуда од 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев. И додека обвинителството внимателно соопштува што преземале, главната улога за коментирање на случајот засега отиде во рацете на политиката. Премиерот смета дека владата создава услови обвинителствата да гонат криминал, посочувајќи го случајот „Рекет“

„Ова е еклатантен пример на борба против криминалот и корупцијата, без разлика на кој се однесува. Ние имаме поединци во општеството кои можат да бидат индикативни, може да бидат докажливо вмешани или слично. Системот функционира, конечно има независен систем кој конечно се бори против криминалот и корупцијата“, рече премиерот Заев.

Опозицијата пак, со денови препознава обид, обвинителството од кривичен прогон да спаси високи функционери на власта.

„Граѓаните не се наивни и знаат дека ако Боки 13 немал поддршка и од власта на Заев тој не би се осудил да изнудува, рекетира и да се заканува. Одговори и одговорност мора да има, ако не од Русковска обвинителството, тогаш од некое друго политички неконтаминирано обвинителство“, рече Наум Стоилкоски, ВМРО – ДПМНЕ.

Засега осомничени во „Рекет“ се Боки 13 и Зоки Кичеец. Изнудиле 1,5 милиони евра од Орце Камчев со ветување дека ќе ја спречат истрагата против него со влијание во СЈО. Дополнително обвинителството посочи дека има аудио и видео доказ од предавањето на парите, но и снимка од вклучување на средбата преку интерфон на обвинител од СЈО. Исказ за рекет шемата за овој случај имаат дадено и градоначалниците на Битола, Наташа Петровска и градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.

Бојан Стојановски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...