Шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал, Вилма Рускоска, најави обвинение за организаторите на упадот во Собранието до крајот на мај.

„Добар дел од сведоците кои планирав да ги сослушам, ги сослушав. Оваа недела тече распитот на обвинетите. Следната недела веројатно ќе се договорам со одбраната да извршат увид во доказите а исто така, ќе видам ако треба уште некој сведок да се сослуша бидејќи ќе ја привршувам веќе истрагата“, изјави Рускоска.

Рускоска, која денеска имаше настап на јавна дебата, не сакаше да сподели детали уште кого чека на исказ. На дополнителните прашања сепак одговори дека не очекува во скоро време да го испита и екс премиерот Никола Груевски.

Она што е познато е дека вчера, токму за тој предмет, во Обвинителството за гонење на организиран криминал се појави поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски. Тој не одбил да даде исказ се додека не ги види доказите. За него беше побаран притвор, но владеачкото мнозинство не собра мнозинство за да му одземе пратеничкиот имунитет.

Други осомничени во истрагата за организаторите на упадот во Собранието на 27 април се бегалците Никола Груевски и Никола Бошкоски, екс министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Не е познато дали и тие побарале помилување од претседателот, како што веќе направија осудените за 27 април, ниту пак претседателот кажува како ќе постапи.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...