Министерството за образование за едно село е мајка, а за друго маќеа. Вака велат жителите на Ново Село, општина Боговиње, бидејќи нивните ученици немаат каде да учат, но затоа Министерство пушти во употреба нова спортска сала за О.У „Реџеп Вока“ во Шипковица. Реновирањето на објектот на училиштето во Ново Село кое изгоре пред две години се остави на пола, велат мештаните. Училиштето нема тоалети, канцеларии за наставниците и е со една училница помалку.

„Училиштето не е довршено, нема тоалети, недостига училница. Имаме шест паралелки во две смени, тоа е 12, а ние имаме 13 паралелки, една училница не знаеме од каде ќе ја донесеме. Исто така, немаме канцеларии за наставниците, да не зборуваме за кабинети за информатика- рече Решад Азизи- претседател на Совет на родителски.

„Нема основни услови за децата, нема тоалети, нема канцеларија за наставниците, нема да ги пуштаме децата бидејќи и внатре не е регулирано како што треба“.

„Ќе продолжиме, нема да ги пуштаме децата бидејќи станаа две или две и пол години каде што се ветува, а не се работи. Ќе протестираме пред општината, пред  МОН и насекаде“.

Министерот Арбер Адеми вели дека од градежната фирма бил запознаен за доцнењето, но не и дека објектот нема да биде целосен.

Запознаен сум од изведувачот дека има застој, но ми е дадена гаранција дека тие ќе завршат најбрзо што е можно, согласно проектот и обврските кои произлегуваат од договорот за реализирање на новото училиште. Детални информации за денешните настани немам. За волја на вистината, од вас слушам за прв пат, но по случката тука, ќе ги контактирам страните- рече Арбер Адеми- МОН.

Основното училиште „11 октомври“ во Ново Село изгоре на 22 октомври 2017 поради се уште непознати причини. Во ова место до сега на посета беа неколку функционери кои ветуваа реновирање, но и оваа учебна година почна со недовршен објект.

Башким Сулејмани

Loading...

Shpërndaj me

Loading...