Раперот Тупак Амару Шакур беше убиен пред 22 години во Лас Вегас. По долгогодишната истрага, шпекулации и теории на заговор, деновиве во јавноста испливаа нови детали за убиството.

Легендарниот рапер имал само 25 години кога бил застрелан во септември 1996 година додека се враќал од меч на Мајк Тајсон. И покрај напорите на лекарите да го спасат, Тупак им подлегнал на повредите по шест дена.

Кривицата за убиството досега падна врз Ноториус Би Ај Џи, Пи Диди, Шуг Најт и полицијата. А по толку години, општо прифатено сценарио за убиството е дека станува збор за конфликт меѓу криминалните банди Крипс и Блодс.

Сега, поранешниот гангстер Кифи Ди чие вистинско име е Дуан Кит Дејвис, реши да открие дека тој помогнал во извршувањето на овој чин. Кифи Ди во новата серија на Нетфликс “Unsolved, the Tupac and Biggie Murders” открива досега непознати детали.

Дејвис, на кого му е дијагностициран рак одлучи да ја открие вистината бидејќи е болен и нема што да изгуби.

„Бев главен во Комптон, дилер и единствен преживеан кој може да ви ја раскаже вистината за убиството на Тупак“, ја започнува својата приказна Кифи.

Во документарецот, Дејвис вели дека седел на предното седиште од белиот кадилак од кој бил отворен оган. Со автомобилот управувал Теренс Браун, додека пак Деандри Смит и Орландо Андерсон биле на задното седиште.

Пред убиството, тие со часови го барале Тупак кој претходно во ноќен клуб претепал член на нивната банда.

Посетиле две локации каде Тупак често се движел како и клубот, но безуспешно. Продолжиле да возат понатаму и набрзо го забележале Тупак во неговото БМВ.

На прашањето кој точно пукал, Кифи одговори:

„Ќе морам тоа да го задржам за себе поради уличниот кодекс.“

Shpërndaj me