Уште 115 дуќани во Скопската чаршија ќе добијат нови излози, а нов лик ќе добијат и 38 дуќани во Битолската и седум во Охридската чаршија. Министерството за економија го продолжува проектот што го започна претходната Влада. До крајот на следната година предвидено е да бидат ревитализирани вкупно 160 излози на дуќани во овие три чаршии за што се предвидени 16,5 милиони денари. Иако проектот ја опфаќа и чаршијата во Струга, ниту еден од дуќанџиите не бил заинтересиран и не аплицирал за да ја искористи оваа владина мерка.

„Подготвени сме секоја апликација, иако проектот завршува, секој интерес којшто ќе го покажаат дуќанџиите и чаршијата во Струга или каде било низ Република Македонија и тие да ги прифатим, па во наредното буџетирање да ги ставиме во овој проект“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.

Градоначалникот на Чаир, општина преку која се реализира овој проект во Скопје, истакна дека ќе се залага да се зачува автентичноста на чаршијата.

„Убеден сум дека заедно со министерот и со службите ќе предвидиме други проекти и за занаетчиите коишто работат во чаршијата со кои ќе го зачуваме културното наследство“, изјави Висар Ганиу, градоначаник на Чаир.

Откако овој проект почна во 2015 година, па досега, нови излози во Скопската чаршија имаат само 11 дуќани. Дел од дуќанџиите коишто сè уште имаат стари и автентични дуќани велат дека не планираат да аплицираат за нови излози, велат- туристи се привлекуваат со љубезност.

„Тоа зависи од љубезноста на занаетчиите, излогот не го тера потрошувачот да влезе внатре. На туристите не им требаат нови трговски центри, тие имаат поубави од нашите. Влезете во Египет, во Каиро, сите го бараат Кан Калили базар, никој не го интересира трговски центар…“, вели еден дуќанџија.

Според договорот кој беше денеска потпишан во Министерството за економија општините проектот треба да го реализираат за една година, а парите што евентуално ќе останат треба да се вратат во Буџетот. Ниту еден од дуќанџиите нема обврска да вложи сопствени средства.

Александра Спасевска

Shpërndaj me