Веќе два месеци, како што беше ветено, требаше да бидат во функција економските аташеа што ги најави Владата, но министерството за надворешни работи никако да го објави огласот за нивен избор. Задача на 20-те економски аташеа требаше да биде промоција на домашните компании на странските пазари. Од Министерството за надворешни работи за Алсат М велат дека се уште се координираат со економските ресори, иако уште во февруари, со направените законски измени беа укинати позициите на економските промотори, кои работеа во рамки на Агенцијата за странски инвестиции.

Министерство за надворешни работи

„Во тек се координативни состаноци со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Дискутираме за можните модели за избор на економските аташеа и други детали околу нивниот ангажман“.

Економските аташеа уште на стартот на мандато на оваа Влада ги најави вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тие требаше да поминат едномесечна обука, во соработка со коморите да ги запознаат домашните компании за да знаат што да промовираат во земјите каде што ќе бидат испратени.

За тоа ќе поканиме и ќе отвориме конкурс заедно во соработка со економските ресори од владата и со Министерството за надворешни работи. Ќе објавиме конкурс за економска дипломатија, значи економски аташеа во амбасадите. Но тие ќе имаат исклучиво две задачи. Едната задача ќе им биде да привлекуваат странски инвестиции, на истиот начин како и досега со посети, анимирање и објаснување на методологијата за добивање на странска помош, но истите тие ќе имаат и втора задача, а тоа афирмација на домашните производи и нивно продавање низ цел свет – изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер.

Економските аташеа треба да бидат испратени во 20 земји со кои Македонија има најголем потенцијал за економска соработка, како што се САД, Европската унија и во дел од азиските држави. За она што ќе го сработат, предвидено е да му реферираат на вицепремиерот Анѓушев, но и на министерот за надворешни работи. Пред да бидат укинати, Македонија имаше 32 економски промотори. Од Буџетот во 2016 година за нив биле издвоени 1,2 милиони евра.

Александра Спесевска

Shpërndaj me