Зголемувањето на нивото на Охридското езеро почна да предизвикува проблеми во делови на крајбрежјето. Површините со плажи веќе се намалени. Езерото го достигна својот максимум. Според податоците на ЕЛЕМ, тоа денес е еден сантиметар над максимално утврдената кота од 693,75 метри надморска височина.

Концесионерите со плажи за Алсат м велат дека се загрижени за моменталната ситуација.

„Границата веќе е критична. Како што може да видите половина од плажите веќе се под вода. Конкретно на мојата плажа е нешто повеќе. Првиот посериозен бран ќе направи уште поголеми штети. Во последните 6-7 години по втор пат ќе ни се случи најверојатно голема штета“, вели Љупчо Нечкоски- концесионер на плажа во Охрид

Инаку, кај браната на Црни Дрим во Струга денес се отворени три порти. Оттаму истекуваат по 28 метри кубни вода во секунда. Од ЕЛЕМ велат дека годината се соочуваат со зголемен водостој. Од хидроелектраната Глобочица за Алсат велат дека ситуацијата е под контрола и оти засега немаат проблеми во работењето. Инаку, многу често кога поради висок водостој мора да се пушта повеќе вода од Охридското езеро, доаѓа до поплави во соседна Албанија. Ситуацијата особено се компликува кога Северна Албанија во исто време ја зафаќаат и поројни врнежи од дожд.

Мики Трајковски

Shpërndaj me