Министерството за финансии им даде на општините 50 милиони евра за да ги покријат долговите, но нема начин како да ги спречи да се луксузираат иако општинските сметки им се блокирани. Министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека непланското трошење и ќе се намалувало преку фискалното правило при формирање на годишниот буџет на Општината.

„Ние како Министерство за финансии правиме се за да ги средиме финансиите. Имаме одлична соработка со Европската Унија и со други меѓународни институции како со ММФ и со Светска Банка. Мислам дека направивме многу важни чекори, како што е фискалното правило кое што е поставено кај општините, поддршката која што е дадена во општините. Покрај тоа ние како министерство за финансии направивме сериозни чекори за транспарентност“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Централната власт вели дека нема да има ново опростување на долгови. Но, дел од економистите и при првото опростување на долговите рекоа дека тоа е морален хазард и дека ваквите потези на владата нема да ги натера градоначалниците да бидат одговорни. Тоа се покажа со општина Струга каде иако има долг од четири милиони евра, градоначалникот Рамиз Мерко си купи луксузен автомобил од 67 илјади евра.

„Точно да се утврди кои се оние неодговорни градоначалници кои што трупале неоправдано неплатени обврски . Кои се оние законски одредби од регулативата кои биле прекршени и тие да се санкционираат , затоа што во спротивно ваквиот начин на откуп на долгови кој што најверојатно е веќе завршена работа води кон натамошна работа на еродирање на правната држава“, рече Марјан Николов, економист.

Општините може да го планираат годишниот буџет со пораст од најмногу 10 отсто од просечно остварените приходи во последните три години. Инаку, вкупниот долг на сите општини изнесуваше без малку 100 милиони евра, а владата реши да покрие 51 отсто од оваа сума , пари кои ги обезбеди со ребалансот на буџетот, а ги зема од нереализираните капитални инвестиции.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me