Иако веќе шест месеци министерот за финансии Драган Тевдовски не го носи правилникот за нафтени резерви, денеска тој си купи уште девет месеци за да анализира. Тој соопшти дека новите правила со кои ќе се регулира плаќањето кон компаниите за чување на нафтените резерви ќе бидат составени најдоцна до крајот на годинава.

„Нашата интенција е да биде затворен што побрзо, сигурно годинава. Но при тоа ние се водиме од тоа при донесување на тој правилник за чување на нафтените резерви практично да ги штитиме интересите на граѓаните односно да се определи цена која што ќе биде во интерес на граѓаните“, рече Драган Тевдовски, министер за финансии.

Претходно и неговите колеги од Владата Кочо Анѓушев и Крешник Бектеши потврдија дека во октомври  го овластиле Тевдовски да го подготви правилникот. А на адреса на Владата пристигнаа критики од Европската енергетска заедница, дека во земјава Закон за нафтени резерви има, но не се применува. Годишно државата по овој основ собира околу девет милиони евра, а парите не се трошат наменски.

Дополнителен проблем е тоа што имаме јавно потврдена информација дека на компаниите кои ги чувале нафтените резерви во изминатиов период не им било плаќано, што е една недозволива ситуација на пазарот.

Се проценува дека трошокот на  нафтените компании за складирање на нафтените резерви е околу 4 милиони евра годишно. Граѓаните пак со секој купен литар гориво и плаќаат на државата од 30 до 89 дени за нафтените резерви. Во моментов земјава има нафтени резерви за 60 дена, а според правилата треба да има обезбедено за 90 дена.

Спорен е и квалитетот на резервите бидејќи тие не се обновуваат редовно. Нафтените резерви се чуваат за да може државата да интервенира во случај на итни потреби при кризи.

Иле Петревски

Shpërndaj me