Нема консензус за текстот на договорот за името. Откако го доби документот на исклучително кусата средба со премиерот и шефот на дипломатијата, претседателот Иванов во јавно обраќање договорот го нарече политичка дивоградба,текст штетен за интересите на Македонија. Порача дека нема да го потпише.

На иста линија со Иванов е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. За Мицкоски ова е договор за капитулација и е неприфатлив. Најави дека пак ќе се изјасни откако подобро ќе го разгледа текстот.

Владата и покрај противењето на шефот на државата и опозицијата пак повика на единство на политичките сили заради, како што порача, европската иднина на земјата. Додека трае дебатата дома, меѓународната заедница продолжува да праќа пораки на поддршка и повици за прифаќање на договорот за името. „Ове е историски договор, кој е од огромна важност не само за двете земји туку и за цела Европа и за НАТО“ – изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг. Еврокомесарот за проширување директно му се обрати на Иванов – „Не е соодветно за претседател на држава, да одбие да разговара со премиер, со министер за надворешни, за да добие информации од прва рака. Мислам дека премиерот и министерот за надворешни целосно ги почитуваа уставните насоки и можам само да го повикам итно претседателот да преземе одговорност“ – изјави Јоханес Хан.

Анеса Салиу

Shpërndaj me