Трговците со нафтени деривати побараа од Регулаторната комисија за енергетика наместо 3,2 денари, да имаат над шест денари маржа за продаден литар. Поради ова барање, неизвесно е дали со престанок на важењето на штетната методологија за пресметка на цената на нафтените деривати, која завршува на 8 мај годинава, ќе плаќаме поевтини бензини и дизел. Од Регулаторната комисија за енергетика денеска не сакаа да кажат како ќе влијае ова барање за зголемување на заработката на компаниите врз крајната цена која ќе ја плаќаат граѓаните.

„Прерано е да се каже, оваа нова методологија ќе работи на еден нов концепт и нема да пресметува производна цена туку основна работа која што ќе ја земе во предвид е цената на нафтата на светските берзи“, рече Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Инаку, штетната методологија за пресметка на нафтените деривати, која беше донесена во 1999 при продажбата на Рафинеријата на грчки Хеленик петролеум и не можеше воопшто да се смени, истекува во мај. Би требало во новиот начин на пресметка на цените да се отстранат параметри како транспортни трошоци од 27 долари по тон и за производство базирано на најскапата нафта на светот, северноморскиот Брент.

„Ќе треба да се додадат и определени трошоци како што се премиите кои што ги имаат сите трговци. Ќе треба да се земе во предвид и транспортот што го има од пристаништата до складишниот простор тука во државата. Потоа ќе има трошок кој што ќе се користи за пренесување од складот до бензиските пумпи, и се разбира ќе се вкалкулира некој трошок за маржа“, додава Бислимовски.

Додека Бислимовски е мистериозен и не сака да одговори колку би изнесувала цената на дериватите ако во моментов се примени новата методологија, од утре граѓаните ќе возат со поскап бензин и дизел.

Еуросупер 95 е поскап за три денари и ќе се продава по 71,5 денари за литар, додека за 2,5 денари се зголемува цената на Еуросупер 98 и ќе се продава по 73 денари за литар. Дизелот Поскапува за денар и половина, а новата цена е 62,5 денари.

Единствено што јасно и гласно го кажа Бислимовски е дека во новата методологија ќе биде вметната обврската компаниите кои ги чуваат нафтените државни резерви да добиваат пари за оваа услуга.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...