Исклучените пратеници од ВМРО ДПМНЕ преку својата пратеничка група бараат тестирање на пратениците за користење на дрога. Тие најавија поднесување иницијатива до Собранието во понеделник да овозможи услови и лекарски тим кој ќе ги испита 120 – те народни избраници дали употребуваат наркотици.

Пратеничка група на исклучените од ВМРО ДПМНЕ:

Предлагаме и другите политичари, актуелни и поранешни функционери, административни службеници, судии, обвинители, градоначалници и советници, да ни се придружат во намерата и на нашите граѓани да им дадеме добар пример во борбата против (зло)употребата на наркотични средства. Ги поттикнуваме сите вршители на јавни функции да го направат истото доброволно.“

Предлогот за тестирање на пратениците е прифатлив и за најголемите политички партии. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека по скандалот со Павле Богоевски, испитувањето за консумирање наркотици се наметнало како потреба. За нив, неприфатливо е како што велат, пратеник за кој има сериозни сомнежи дека употребува психотропни супстанци, да биде дел од повеќе собраниски Комисии кои овозможуваат пристап до безбедносни документи.

„Не само што треба пратениците вака да се тестираат, туку мора да бидат и проверувани оние пратеници кои поседуваат, а има повеќе пратеници кои и да не се членови на Комисијата, имаат право да добијат безбедносен сертификат во државни тајни, безбедносни тајни и многу важни документи за безбедноста и стабилноста на Р. Македонија“, рече Наум Стоилковски  – портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

Иницијативата доби поддршка и од владејачката СДСМ.

„Оваа иницијатива треба да ја разгледа Претседателот на Собранието и да одлучи согласно овластувањата. За нас е прифатливо“, рече  Јагода Шахпаска – пратеничка од редовите на СДСМ.

Од кабинетот на Талат Џафери не ги коментираат изјавите на пратеничките групи. Велат дека кога ќе пристигне конкретна иницијатива, претседателот на Собранието ќе ја разгледа, ќе се произнесе за неа и ќе постапи согласно надлежностите од Уставот, Деловникот и Законот за пратеници.

Ваквата иницијатива се покренa по објавениот разговор на пратеникот Павле Богоевски, во која тој нарачува да му спакуваат некаква забранета супстанца. Тој ја потврди автентичноста, велејќи дека договара набавка на масло од канабис, а не кокаин, како што се наведува во снимката. Инаку, Обвинителството ќе проверува дали постојат елементи за кривично дело за снимката на пратеникот Богоевски.

Ќе чека известување од МВР за да постапува по пријавата на пратеникот за како што вели неовластено снимање на разговор. Министерството ќе ја истражува снимката во која се разговара за набавка на наркотични средства и ќе утврдува дали има кривично дело. Откако полицијата ќе го утврди идентитетот на профилот од каде беше објавена снимката, треба да го извести Обвинителството за кривично гонење.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...