Ново тело или институција која ќе го контролира финансирањето на партиите, според невладините организации е решение за елиминирање на злоупотребата и корупцијата во оваа област. Според нив, сегашната законска регулатива е само добра основа, но проблемот лежи во транспарентноста и контролата на процесот на партиско финансирање.

И министерот за правда Рената Дескоска, исто така вели дека финансирањето на политичките партии од државниот буџет ќе ја спречи корупцијата, но за тоа ќе треба поголем буџет.

Артан Груби од Демократската унија за интеграција вели дека и тие го поддржуваат финансирањето на политичките партии од државниот буџет, со цел да се зголеми транспарентноста.

„Ние сме за стабилно финансирање на политичките партии од буџетот, а во исто време зајакнување на отчетноста и транспарентноста, како и надгледување на трошењето на средствата што ќе ги добие секоја парламентарна политичка партија од државниот буџет“, изјави Артан Груби-ДУИ.

Овие заклучоци беа презентирани на конференцијата „Подобрување на моделот на финансирање на политичките партии во Македонија“ под покровителство на Меѓународниот институт за демократија во соработка со Транспаренси Интернешнл. Евентуалните промени на начинот на финансирањето на партиите ги најавија и од Владата.

Елмедина Алији

Shpërndaj me