Со предлог законот зад кој стојат и власта и опозицијата, се предвидува на граѓаните да им се прости каматата на старите долгови за мобилна и фиксна телефонија, за кабелски оператори, за одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, за струја и за вода. Овој Предлог-закон се однесува на долгови само ако за нив е покрената постапка до 2006 година заклучно со јули 2011 и за кои има правосилна одлука и извршно решение. Во жестоката расправа граѓанските здруженија побараа предлогот итно да се повлече ова законско решение. Бараат отписот на камати да важи за сите јавни и државни претпријатија и приватни фирми кои даваат услуги од јавен интерес, односно да не биде тоа на доброволна основа.

„На добра волја, ако е расположен ќе му прости на граѓанинот, ако не – не! И што треба да донесе? Еден куп документи дека е здрав дека е болен, од Управа за јавни приходи, од Катастари, од не знам се каква една вреќа документи да носи и тој ако е расположен, ако се му е ОК, добро ќе ти простиме“, вели Маријан Ристески, Конфедерација на синдикати.

„Нов закон, поправичен закон. Бараме отпис на сите долгови, отпис на извршителски, отпис на нотарски услуги, отпис на камати тоа автоматски си оди, а не отпис само на долг, а извршителите ќе останат со добра волја“, изјави Ана Глигоровска, Претставник на НВО.

За евентуалниот отпис на каматите на старите долгови како краен рок се зема 2011 – та година бидејќи тогаш од судовите, кај нотарите и извршителите, завршија околу 600 илјади предмети. Засега не се знае за колкава вкупна сума на пари на долгови од камати станува збор.

Александра Спасевска

Shpërndaj me