Сеад Кочан се разболе на само пет дена пред да оди во затвор. Но, тој засега не ги пакува куферите за да ја издржи затворската казна од четири години и осум месеци бидејќи е хоспитализиран во една позната скопска приватна болница. Засега не се знае која е причината и со каква болест се соочува бизнисменот. Кочан официјално го известил судот дека е во болница, но нема доставено лекарска документација и дијагноза од што се разболел.

Од Кривичен соопштија дека донеле одлука по неговото последно барање за одлагање на одењето во затвор, но ќе ја објават во понеделник кога и ќе ја примат адвокатите и осудениот бизнисмен.

Сеад Кочан на секој можен начин се обидува да не се појави на затворската капија на 17 – ти јули. Спас побара и од Врховниот суд со молба вонредно да се преиспита неговата пресуда. На сличен начин од затвор Врховен ја спаси поранешната министерка за внатрешни Гордана Јанкулоска, но во случајот со Кочан пречка може да биде конфискацијата на имот во вредност од 17 милиони евра. Според Кривичен, прво треба да заврши процесот на наплата на парите, па дури потоа предметот познат како „Труст“ да се испрати во највисокиот суд за вонредно преиспитување.

Сеад Кочан има позитивно искуство со Врховниот суд. Пред две години откако му беше одреден притвор, избега. Го немаше два месеца. Се врати откако Врховен на чело со Јово Вангеловски му го укина притворот.

Бизнисменот Сеад Кочан беше осуден за тендерот за ископ на јаловина во РЕК Битола. Според обвинението формирал лажен конзорциум и неговата фирма „Трансмет“ и „Силекс Неметали СТ“ формирале лажен конзорциум и го добиле милионскиот тендер.

Кочан првостепено беше осуден на шест години затвор ама Апелација му ја намали на 4 години и 8 месеци. Второ обвинетиот Василије Авировиќ наместо ефективна затворска казна од три години, доби условна. Василије инаку е син на пратеничката Владанка Авировиќ, која гласаше за договорот од Преспа.

Бојан Стојановски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...