Изградбата на автопатското поврзување со Косово е ставено на приоритетната листа на владата. Министрите задолжни за економијата одлучија изградбата на автопатот Скопје – Блаце да стартува на пролет. Ќе се работи во две фази – во  првата ќе се градат 1,6 километри пат, а во исто време ќе се работи на проектирање на останатите десетина од вкупно 13-тте километри планиран автопат. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, не сакаше да шпекулира колку пари ќе чини овој проект.

„Нашите очекувања, согласно одлуката која ја донесе Економскиот совет на владата, главен приоритет е Скопје – Блаце, покрај автопатиштата кои се градат, тоа сакам да го соопштам. Така да, наредната пролет ќе почне да се гради. Внимавам на тие работи затоа што ние треба утре да излеземе пред граѓаните и да соопштиме колку средства се потрошени. Може да се доведеме во друга ситуација“, рече Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Пред една недела Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи изјави дека автопатот Скопје – Блаце ќе чини околу 100 милиони евра. Парите ќе се обезбедат од Европската банка за обнова и развој, а дел од државната каса.

„Согласно основниот проект кој го подготвуваме со средства од Европскиот фонд за Западен Балкан што ги обезбеди Секретаријатот за европски прашања, предвидени се четири тунели и девет мостови на оваа траса од 12,4 километри“, изјави Османи.

Овој автопат до Косово е повеќедеценско барање на бизнис заедницата, а особено на Стопанската комора на северозападна Македонија. Досега овој проект редовно се наоѓаше во партиските изборни програми, како на локално, така и на централно ниво, но засега реализација нема. Во меѓувреме, најавите од Приштина се дека автопатот од косовска страна до границата со Македонија, ќе биде готов до крајот на оваа година.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me