28-годишниот австралиски терорист кој вчера во две џамии уби 49 лица излезе денеска пред судот под обвинение за убиство. Покрај него, во притвор има уште двајца за кои постојат индиции дека му помагале за време на нападот врз двете џамии.

Брентон Тарант, при влезот во судот во градот Крајстчрч, направи гестови за кои се смета дека се користат од екстремната десница. Тој не покажа никакви емоции додека му се читаше обвинението за убиство. Судијата рече дека е разумно да се претпостави дека против осомничениот ќе бидат поднесени и други обвиненија.

Иако безбедносните мерки пред судот беа засилени и рочиштето беше затворено за јавноста, се случил инцидент откако непознато лице се обидело да влезе во зградата со нож. Човекот бил запрен, а подоцна признал дека имал намера да влезе и да го убие Тарант. Нов Зеланд е во тага откако терористот уби 49 лица, а околу 40 други беа ранети. Овие напади премиерката Џасинда Ардерн, ги опиша како еден од најмрачните денови на Нов Зеланд. Таа соопшти дека терористот користел пет автоматски пушки. Најави дека ќе инсистира на промена на законот за поседување оружје.

Во манифест од 73 страници, што го објавил на социјалните мрежи, Брентон Тарант искажал омраза кон емигрантите и муслиманите, а симпатии кон националистите, вклучувајќи ги и оние на Балканот, опишувајќи се себеси како ултранационалист и етно-фашист.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...