Американците го сторија тоа што го најавија. Извршија воздушни напади врз делови во Сирија, како реакција за наводно користење на хемиско оружје од страна на сирискиот режим. Среќа нема жртви. Но, што потоа?

Претседателот Башар ал Асад и натаму е во својата претседателска палата, а Западот и натаму ќе мора да бара начин како да го прифати тој факт. Во целата лудорија се чини дека, барем до некаде, логичен чекор направи Германија. Сето тоа како да потсеќа на почетокот на воената интервенција против Ирак.

Прв потсетник е хемиското оружје. Познато е дека во минатото арапските режими користеле хемиско оружје и се знае дека тоа постои. Тоа не е воопшто слабо и не може да се исплакне пред камерите. Де факто, бојните отрови се непроменети уште од Првата светска војна и имаат подеднакво моќен ефект.

Садам Хусеин користеше хемиско оружје врз Иранците и врз сопствените граѓани, како што и Асад против своите непријатели. Во секој случај, станува збор за смртоносно оруже коешто е толку подло што со право е забрането за употреба со меѓународни Конвенции.

Асад можеби го користел при нападот врз Дума. Можеби и не. Зависи кому верувате, бидејќи факти не постојат. Американците, Британците и Французите говорат дека имаат непобитни докази за користење на хемиско оружје, но не ги покажаат пред светската јавност. Русите тврдат дека тие имаат докази што покажуваат дека немало употреба на хемиско оружје. Но, ниту тие не ѝ ги покажаа на јавноста.

Сите имаат фантомски докази што е веројатно доволно да се тргне во напад. Токму како што се случи во Ирак. Тогашниот британски премиер, Тони Блер кажа зошто се оди на агресија врз Ирак – „Тоа е вистинското нешто“ (It is the right thing to do).

Хипотетично, ако хемиското оружје навистина е користено, тогаш тој чекор треба дебело да се казни. За тоа американскиот претседател, Доналд Трамп, потполно е во право. Оној кој ќе стори такво злосторство треба да плати голема казна.

Но, тоа не значи дека ракетите треба веднаш да летнат, бидејќи тоа е последната алатка во казнувањето на сторителот.

Се поставува прашањето дали Администрацијата на Трамп има намера  да ги заштити цивилите во Сирија од војната, која во изминатите седум години уништи поголем дел од земјата.

Речиси половина милион Сиријци ги загубија животите во војната, од кои само мал број загинаа при напади со хемиско оружје. Во моментот во сила е забрана за влез на сириски бегалци во САД и покрај фактот што најголемиот дел од нив се жени и деца.

Ограничените напади во Сирија би можело да значат две работи: прво, станува збор за почеток на мошне посилна војна стратегија на Западот за решавање на војната во Сирија и второ, станува збор само за обид за уривање на Асад. Првата ја повикува ирачката стратегија – испраќање воени трупи во Сирија, а втората е илузија дека Асад доброволно ќе се повлече. Ова е битка за неговиот живот. Сирискиот претседател нема никаква опција освен борба до самиот крај.

Зошто ваков силен конфликт?

Аналитичарите оценуваат дека Сирија стана симбол за останување на стариот или за доаѓање на новиот светски поредок. Според нив, ако западните земји го признаат поразот од руско-иранско-турско-сирискиот лабилен сојуз, тоа ќе значи дека конечно настапува време на мултиполарните сили. Светот повеќе нема да делува во сенка на американската униполарност, туку технолошки, воено и економски ќе дејствуваат повеќе центри на моќ. Покрај САД, тука ќе бидат и Кина и Русија, како и некои други регионални сили. Дел од аналитичарите сметаат дека во оваа војна сите може да добијат сè или да останат без ништо.

Западот, кој тврди дека го има клучот за решение на кризата во рацете, не одговори што треба да придонесе нападот врз Сирија. Како мислат да го спречат продолжувањето на војната и каде е тука толку фалената дипломатија? Единствена земја што одлучно застана против овој чекор е Германија и тоа, според дел од аналитичарите, е линијата која што би требало да ја држи ЕУ. За жал, Емануел Макрон ги загрози француските дипломатски напори за Блискиот Исток. Дали со тоа француско – германскиот тандем ја пропушти одличната прилика за европска медијација во Сирија? Да се потсетиме дека Германија исто така остро застана против доаѓањето на НАТО во Ирак, додека Англичаните (а, потајно и Французите) ги остреа копјата. Резултатите можеме да ги видиме и денес.

Ова не е повик за поддршка на автократските властодршци, но станува потешко да се направи разлика кој диктатор е добар, а кој не. Следејќи ја американската логика, кралот Салман е ангел, а Ким Јонг-ун и не е така лошо момче. Но, Асад е ужасен. За иранските ајатоласи и да не зборуваме.

Таква е на кратко современата американска стратегија што европските лидери од Лондон и Париз решија ја следат. Да се присетиме дека за нешто слично Тони Блер, за малку ќе завршеше во затвор.

Нападот врз Сирија е во сенка и на уште една американска „стратегија“; Трамп неодамна изјави дека за Сирија може да се грижат други и оти Американците се повлекуваат од таму. Потоа, наводен хемиски напад ја смени таквата идеја.

На регионално ниво овој напад поставува нови непријатни прашања. Посебно е тешко во Анкара. Ако западната интервенција ескалира, Турција би морало да ја напушти својата политика на опортунизам и конечно да се одлучи меѓу поддршка за Западот или сојузништво со Русија. Турскиот претседател, Ердоган преку својот портпарол ја осуди сириската власт за напади во разни делови  на земјата, но по разговорот со Путин, од турскиот кабинет доаѓаат повици за моментална истрага и доаѓање до вистината за случувањата во Сирија. Истовремено, Турција ја поддржа американската резолуција пред Советот за безбедност, за акција против Асад, што е знак за сојузништво со НАТО, а министерот за надворешни работи на Турција, Чавушоглу, го изнесе цврстиот турски став дека Асад мора да замине. Ваквата мешаница на регионалната политичка сцена, ги држи очите на многумина аналитичари вперени во Турција, во исчекување дали развојот на регионалните настаните би можело да предизвика некаква криза во Турција?

Можеби е претерано, но најрационален повик за прекин на насилствата во Сирија деновиве дојде од либанскиот кардинал, Бечар Раи. Обраќајќи се пред Меѓународната заедница рече: „…додека големите сили удираат во тапаните за нова војна во Сирија, жалиме поради недостаток на јазикот на мирот од устата на вашите дипломати, за нашиот свет.“

Раи директно ги обвини големите сили, напоменувајќи дека објавата на војна е доказ за слабост, бидејќи, како што рече, вистинското херојство не е во тоа како да се почне војна, туку како таа да заврши.

Според многумина, повик што совршено ја отсликува состојбата на помрачување на умот кај дел од светските лидери.

П.Б.

Loading...

Shpërndaj me