Maкедонија се дави во ѓубре. На годишно ниво според податоците на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад, се собираат околу 700 илјади тони отпад. Но, огромни количини ѓубре завршуваат и на дивите депонии. Закони има, но во реалноста тешко се спроведуваат.

„Зборуваме за различни типови на отпад. Имаме отпад кој е комунален отпад и тоа веќе се податоци од 700.000 тони кои ги имаме во Македонија. Но, имаме и отпад кој е од специфичните видови како што е електронска опрема, батерии, пластика… некаде околу 200 тони имаме електорнски и електричен отпад. Ова е голема проблематика и верувајте ние сме на почеток…“, рече Даниела Нелепа, претседател на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад.

Од оваа асоцијација велат дека е крајно недозволиво на секој чекор низ државата да има голем број диви депонии. А, токму тоа е една од главните забелешки и на странските туристи. Нехигиената влијае врз впечатокот што ќе го понесат со себе за Македонија, а токму во главниот туристички регион околу Охридското езеро има голем број диви депонии.

„На 22 септември е рокот кога ќе се започне со стратешка евалуација и кој план ќе се испрати до УНЕСКО. Се надевам дека ќе ги запазиме роковите и во прогрес-репортот кој треба да го доставиме до УНЕСКО во февруари ќе стои дека планот за управување со регионот е донесен“, изјави Константин Ѓеорѓиевски- градоначалник на Охрид.

А, вчера попладне во Охрид беше спроведена акција за чистење на езерото и неговото крајбрежје со поддршка на Европската унија. Од водата беа извадени пластика, ќеси, метални конструкции од платформи, автомобилски гуми, столици, чаши и различен друг отпад.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...