Да ја повлече одлуката со која не му го даде мандатот на Заев и да се почитува уставот во однос на третманот на мнозинството во Парламентот. Со овие две пораки заврши краткиот денешен престој на високата претставничка за заедничка надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини во Скопје. Таа се сретна со главните политички актери во земјава во рамките на нејзината мини-турнеја на Балканот.

„Она што нè загрижува е прекршувањето на демократските принципи, на демократскиот дух и Уставот на земјата. Верувам дека после размената на мислења со моите колеги во ЕУ и НАТО, верувам дека ќе биде невозможно да го убедите никој дека не му е дозволено на некој кој обезбедил парламентарно мнозинство да формира влада, во унитарна и демократкса држава… Побарав од претседателот да гледа напред и да ја отповика својата одлука и како што вели уставот – цитирам – да го довери мандатот на тој кој обезбедил мнозинство во Парламентот.“ – посочи Федерика Могерини, Висока претставничка за заедничка надворешна политика на ЕУ

Вечерва со соопштение за средбата со Могерини излегоа од Кабинетот на Иванов. Претседателот ù повторил дека нема да го назначи како мандатар за состав на влада секој оној којшто преговара за платформи на други држави со кои се загрозува суверенитетот, независноста и унитарноста на државата.

„Со постизборната платформа се уриваат Уставот и Охридскиот рамковен договор, а Македонија се доведува во положба на потчинетост и зависност од друга држава. Граѓаните на изборите гласаа за европски реформи, а не за постизборна платформа на туѓа држава.“ – изјави Иванов

На средбата со Могерини, Иванов навел и дека е потребно во Македонија да се организира попис на населението.

Од ДУИ пак, доцна попладнево информираа дека претседателот Али Ахмети на високата европската претставничка ù пренел дека во Македонија има институционалната и системска криза оти таа не смее да се претвори во етничка криза. ДУИ ќе бара политичко решение.

„Владеењето на правото, владеењето на законот, веродостојни институции, заокружување на Охридскиот Договор, добри меѓуетнички и добрососедски односи, како и интеграцијата во НАТО и ЕУ се наши приоритети.“ – соопштија од ДУИ

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, информираа вечерва дека на средбата со Федерика Могерини, Никола Груевски го истакнал партиското незадоволство од, како што се наведува, платформата на премиерот на Албанија Еди Рама од Тирана, негативните последици што се предизвикуваат од бруталното мешање во внатрешните работи на соседна држава, спротивно на принципите за добрососедство.

„Воедно беше истакнат фактот за нарушување на принципот за коалицирање на ‘победник со победник’ по изборите. Разговарајќи околу можните решенија ВМРО-ДПМНЕ ја повтори оценката дека спроведувањето на брзи избори е најдобриот начин за стабилност и надминување на политичката криза.“ – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ

За состојбата во Македонија, Могерини најави дека в понеделник ќе ги запознае министрите за надворешни работи на државните – членки на ЕУ.

Иван Блажевски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...