Временото откажување од прогресивниот данок , зголемувањето на платите во администрацијата и најавениот раст на пензиите се проектите на владата кои наидоа на критика од страна на Меѓународниот Монетарен Фонд. Менувањето на курсот на владините фискални политики ќе ги стави во сенка придобивките од започнатите реформи на ова поле, заклучува ММФ  по  посетата во Македонија.

„Зголемувањето на поголемата еднаквост на приходите и подобрувањето на животниот стандард ќе бара микс од фискална политика која е насочена кон раст и непоколеблива посветеност кон амбициозната агенда за структурни реформи“, наведуваат од ММФ.

Растот на минималната плата од 14 500 денари нема да даде посериозни резултати, децидни се од фондот. Мисијата на ММФ оценила дека со повисок минималец би се намалила сиромаштијата кај граѓаните кои се во редовен работен однос. Препораката е конкурентноста во приватниот сектор, да се подобрува со зголемување на минималецот во согласност со продуктивноста на компаниите.

„Застапеноста на сиромаштијата е многу поголема кај оние кои се невработени. Поради тоа, зголемувањето на минималната плата можеби нема да биде ефективно во намалувањето на сиромаштијата, особено доколку тоа делува кон намалување на формалното вработување“, велат од ММФ.

Министерката за финансии Нина Ангеловска пак вели дека, освен критики монетарците од меѓународната финансиска институција испратиле и пофалби за остварените реформи на земјава од областа на економијата и фискалната политика.

„Во извештајот е наведено дека може да го забави растот на приходите, како резултат на персонален данок. Да го забави растот не значи да нема раст, бидејќи секако ние проектираме да продолжи растот на прибирање на приходи од персонален данок и тоа се должи на природниот ефект на растот на економијата, ќе се намалува и невработеноста. Од друга страна растат платите“, вели министерката Ангеловска.

Од ММФ, за идната година прогнозираат стапка на раст на БДП од 3,4 отсто, што е пониска и во однос на владината проекција но и на предвидувањата на НБРМ кои очекуваат економијата да порасне за 3,8 отсто.

Иле Петревски

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...