Намалување на нелојалната конкуренција, ставање крај на човек агенциите, подобрување на инфраструктурата, драстично зголемување на инспекциските контроли, се само дел од работите кои ги бараат туристичките работници во пресрет на новата туристичка сезона. На средба со локалните власти и претставници на министерството за економија се разговараше за измените на законите за туризам.

Имаме случаи на отварање на туристички агенции и работење од дома без деловни простори и никаква опрема. Се случува, агенцијата се регистрира, вработува луѓе, потоа ја добива лиценцата и од како ќе ја добие лиценцата ги испушта луѓето. И во градот и во државата има агенции со А лиценца, а се со еден или двајца вработени“, рече Јаким Маленко-сопственик на туристичка агенција.

Се соочуваме со диви станоиздавачи и од голем обем. Имаат луѓето куќи поголеми, не истакнуваат соодветни табли, не се плаќа такса и придонеси. Се прашуваме ние што издаваме туристички објекти до кога ќе трае ова беззаконие во однос на инспекциските служби. Цели згради се откупени и парите наместо да се слеваат во општинската каса, се слеваат во приватни џебови на одредени моќници“, рече Томислав Бакулески- сопственик на приватни апартмани.

Туристичките агенции не се согласуваат и со предлогот за депонирање околу 200.000 евра за добивање лиценца за отварање на агенција, нешто што велат ќе ги зголеми цените на аранжманите. Се предлага формирање на туристички инспекции.

Таа туристичка инспекција не само што ја има улогата на контролата туку ја има улогата на едукација на туристичкиот сектор. Контролен механизам сега се само пазарната инспекција и еден или двајца инспектори од локалната самоуправа“, рече Шофќет Хазари- државен советник за туризам во министерство за економија.

Од Економија велат дека сите предлози кои би имале позитивно влијание за подобрување на состојбите во туризмот за нив би биле прифатливи. Во април се очекуваат измените на Законот да бидат доставени на разгледување до владата. Инаку, до почеток на туристичката сезона остануваат уште само три месеци иако првите групи туристи од Холандија и Белгија пристигнуваат на почетокот на мај.

Мики Трајковски

Shpërndaj me