Македонија и нејзните граѓани се пред историска шанса со гласањето на референдумот,  порача германскиот министер за Европа, Михаел Рот. Според него, со гласањето за „Договорот од Преспа“ граѓаните ќе можат да ја потврдат нивната посветеност кон демократијата и владеењето на правото.

„Македонците пишуваат историја и тоа не само национална туку и европска историја. Со договорот кој се постигна со Грција очекувам дека наскоро Македонија ќе ја видам во групата, односно семејството на пријатели на Европската Унија и НАТО. Би сакал да ги охрабрам луѓето во вашата убава земја да ја искористат оваа историска можност“, рече Михаел Рот, Министер за Европа на Германија.

На прашањето на Алсат М што е со информациите дека македонските граѓани од 1 јануари наредната година ќе може да работат во Германија со македонските пасоши тој кажа дека се работи на олеснување на процедурите.

„… Ние сакаме да им олесниме на луѓето од Западен Балкан да дојдат, да живеат и да работат во Германија. Но затоа треба виза и треба да се регулира визниот режим за да им се олесни на луѓето“, рече Рот.

Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров рече дека Македонија се наоѓа пред голема историска раскрсница. За ставот на опозициската ВМРО ДПМНЕ за референдумот,  Димитров рече дека тоа е бегање од соочување со волјата на народот.

„Јасно е дека договорот тешко поминува и во Грција. Тоа значи дека е одвај најден заеднички јазик. Ние сме Македонци, зборуваме македонски јазик. Ова е толку над партиско прашање и нема врска со Владата, со градоначалници. Мислам дека вие да зборувате 10 години за референдум и на секое можно прашање да велите кога ќе најдеме заеднички јазик со Грција ќе ги прашаме граѓаните и сега да немате јасен став, тоа е  бегање од одговорност“, изјави Димитров.

Околу кодовите МК и МКД, Димитров рече дека  тие остануваат, но оти прашањето за трговските марки не е затворено со договорот.

„Договорот само кажува како тоа прашање ќе се третира. Додека не се најде решение останува се по старо. Без наша и нивна согласност не може ништо да се смени. Ќе има едно тело од наши и нивни бизнисмени, со меѓународни експерти кои ќе најдат начин бидејќи ние имаме повеќе трговски марки со името Македонија, македонско, ќе се најде начин како тоа ќе функционира“, вели Димитров.

Инаку Димитров и Рот во Охрид учествуваа на дебата која беше најавена како дебата со младите. Но, во Античиот театар кој собира околу 3.000 луѓе се појавија речиси педесеттина лица, од кои само мал број беа млади.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me