Приоритетите за Министерството за локална самоуправа годинава ќе бидат финансиска консолидација на општините, поголема функционалност и рамномерен регионален развој. Министерот Сухејл Фазлиу презентирајќи го планот криткуваше дека премногу пари се даваат за Скопје, со што разликите во квалитетот на живеење во споредба со останатите градови станале преголеми.

„Ние зборуваме за поделеност на општеството по етничка и реглигиозна основа, но, за жал најголемата поделеност и разлики има во можностите кои ги имаат жителите на Скопје и жителите на малите и особено на руралните општини. Енормното насочување на средства само во Скопје разликите го зголеми до апсурд. Со поголема координација да се насочуваат каде има најголема потреба“, рече министерот Фазлиу.

Во краткиот отчет за сработенито минатата година, Фазлиу рече дека е задоволен од реализираното, но не и од остварените цели, за кои смета дека е потребно повеќе време и пари. Ја спомена и лошата финансиска кондиција на општините, за што Владата минатата година со 50 милиони евра буџетски пари ги покри половина од наталожените долгови.

„Во 2019 година ќе излеземе и со нов модел на финансирање на условите со блок дотации во областа на образованието, детските градинки, установи од областа на културата, со цел да се обезбедат оптимални средства од централниот буџет да не се создаваат дополнителни долгови, да видиме каде можат да се направат заштеди со рационално трошење на парите на граѓаните“, додава министерот Фазлиу.

Значајни за локалниот развој ќе бидат и проектите за прекугранична соработка финансирани со европски пари преку ИПА фондовите. Но, Фазлиу истакна дека Владата мора да покаже поголем финансиски и професионален капацитет за транспарентно управување со средствата. Годинава ќе бидат објавени и јавни повици за проекти за соработка со Косово вредни 2.5 милиони евра и со Србија 1.8 милиони евра.  Заеднички проект постои и со Грција, вреден 4 милиони евра, а постои можност парите да бидат наменети за изградба на граничниот премин Маркова нога.

Loading...

Shpërndaj me