На високообразован кадар од земјава пред сè му е потребна стабилна држава која економски е поврзана со Европската унија. На тој начин се отвораат повеќе можности за инвестиции и искористување на фондовите кои стојат на располагање. Ова е моделот со кој Словенија успева да го задржи во своите граници квалификуваниот кадар. Образованието е тесно поврзано со стопанството и затоа во оваа земја нема вишок на економисти, туку сите си го наоѓаат местото на пазарот на труд.

„Образованието е тоа кое ги поврзува овие три области. Па, затоа најголем предизвик е како да се образуваат младите кадри и како овие висококвалификувани кадри да останат во својата земјава и да не заминат надвор од неа“, вели Метка Теканвичиќ, декан на Економски факултет – Љубљана.

На денешната средба министерката за привлекување странски инвестиции Зорица Апостолска, немаше информации колку од нашите студенти кои искористуваат стипендии надвор од земјава се враќаат и продолжуваат со работа во Македонија. Но, изјави дека странска компанија веќе договорила две лица да се вратат и да работат во земјава.

„Од состаноците и средбите што ги имам со инвеститорите веќе имам позитивни информации дека почнуваат да ги враќаат назад. Последната информација е дека веќе се вратени двајца образовани и подготвени кадри во една наша странска компанија“, вели Зорица Апостолска, министерка без ресор за привлекување странски инвестиции.

Еден од главните проблеми на економијата во земјава е како да се дојде до квалификуван работен  кадар. Во исто време кога огромен број дипломирани  економисти и правници седат дома, домашните и странските бизнисмени кубурат за стручен кадар. А, таков се добива само на техничките факултети. Како дополнителен проблем, со години веќе повеќе од 80 отсто од студентите својата иднина по завршувањето на образованието ја гледаат во западноевропските земји.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...