Излетувањето на товарниот воз од шините кај Куманово го парализираше железничкиот дел на Коридорот 10. Не се знае кога повторно ќе се нормализира железничкиот сообраќај кон Србија. Екипи од повеќе институции денеска со најразлична механизација се обидуваа да ги тргнат вагоните од оштетените шини.

Од Македонски железници Транспорт се надеваат дека за десетина дена ситуацијата ќе се врати во нормала.  Загубите ќе бидат огромни, а најголема штета ќе претрпи металната индустрија.

„Коридорот 10 во моментов е во прекин. Така да, возовите кои транзитираат низ Северна Македонија, од Грција кон Европска Унија и од Европа кон Грција не сообраќа ниту еден воз. Таа стока која не може да издржи е насочена преку Бугарија или е пратена со камиони. Таа пак која може да чека ќе остане да се нормализира сообраќајот на Коридорот 10“, рече Снежана Омеровиќ, маркетинг директор на МЖ Транспорт.

Ресорниот министер Горан Сугарески вели дека се уште се чекаат наодите од извештаите на стручната комисија. Иако за санација на штетата се најавени дека се потребни околу 10 дена, тој не сака да шпекулира со бројки.

„Се преземаат максимални мерки, јас не би сакал да лицитирам за колку дена, меѓутоа и ние како Влада се разбира и двете претпријатија се ќе направат во најбрз временски период се санираат шините и да се пушти  железничкиот сообраќај“, вели Сугарески.

Од Стопанската комора за Алсат велат дека засега е рано за било какви  пресметки на штети од блокадата на железничкиот сообраќај кон Србија. Претходниот прекин на железничкиот сообраќај на релација Велес Гевгелија кој траеше 45 дена поради оштетен мост причини штета од 30 илјади евра на ден. За оваа несреќа, допрва ќе се знае цената.

Првичната, неофицијална проценка за причините за оваа хаварија е дека вагоните биле преполни со стока. Извештај на Комисија треба да покаже која е вистинската причина за несреќата и во каква состојба биле шините и целокупната железничка инфраструктура по која поминувал возот.

Ова излетување на товарниот воз се случува само неколку месеци по изјавата на властите кои уверуваа дека возовите во земјава имаат капацитет да се движат по македонските шини со брзина и од над 100 километри на час.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...