Претставникот на власта Бојан Маричиќ и претставникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, денеска ќе се сретнат за да разговараат за законот за јавно обвинителство.

На средбата, како што посочија вчера од партиите, тие треба да ја договорат динамиката на разговори за ова прашање.

„Ние очекуваме од ВМРО-ДПМНЕ конкретни позиции и амандмани на писмено, што досега не сме ги добиле, а најавуваат дека тоа ќе го направат дури в среда“, брифираа вчера од СДСМ.

Од опозицијата, пак, во однос на забелешките за нацрт-законот што им го испрати власта не коментираат за забелешките велејќи дека сакаат да им дадат шанса на преговорите.

Засега нема најави дека деновиве може да се одржи и лидерска средба. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера изјави дека е подготвен за средба, а најави и дека ќе се обиде да обезбеди двотретинско мнозинство и со другите пратеници. Први со кои ќе разговара, рече, се осумте пратеници што беа исклучени од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ откако гласаа за уставните измени.

Мицкоски, пак, пред два дена посочи дека нема намера да губи време на средба. Таа би можела да се случи, како што наведе, ако има доближување на ставовите на работните групи.

Носење на закон за јавно обвинителство како приоритет на земјава го спомена и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, при неговата прва посета на С.Македонија минатата недела.

Извор: „360 Степени“

Loading...

Shpërndaj me

Loading...