Сите вработувањa во државна компанија или институција на роднини, пријатели или на било кој начин поврзани со функционери на власт, ќе бидат поништени. По направена анализа, премиерот Зоран Заев донел одлука и ќе побара од луѓето кои добиле државна работа, да се откажат од неа. Дополнително, премиерот Заев ќе побара и Антикорупциска да спроведе детална истрага.

„Премиерот Заев ќе ги повика сите оние кои се инволвирани во овие, ќе кажам сомнителни случаи. Некаде има основа, некаде нема, сепак, да се повлечат од своите позиции со цел да ја прекинеме оваа пракса која за жал цела деценија се воспостави во Македонија и се уште ни создава проблеми“, рече Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.

По изјавата од пред неколку дена дека десет години членовите на СДСМ биле дискриминирани и не можеле да се вработат во државна институција, но ниту во приватен сектор, сега Манчевски јавно побара помош.

Ги повика граѓаните, медиумите и невладиниот сектор, заеднички да се направат напори да се промени културата и начинот на однесување. Само така вели ќе се направи една подобра власт за сите. Владата подготвува и нов Закон за административците.

„Сите оние кои се на ниво под заменик министер и над раководител на сектор, значи раководни позиции, државен секретар, раководител на агенција, на јавни претпријатија итн, процесот на нивниот избор ќе го води независна комисија во која мнозинството ќе го имаат членови кои не се од рамките на институциите. Оваа комисија ќе има задача да прави евалуација, да ги бодува кандидатите, и на владата да и доставува кратка листа од најдобрите кандидати. И Владата ќе бира само од тие кандидати,  кои не ги оценила власта“, додава Манчевски.

Билјана Ивановска, која е на чело на новата Антикорупциската комисија вчера изјави дека до нив не е стигната ниту една преставка по ова прашање. Но, дека ќе отворат постапки за непотизам за вработувањата на роднини блиски до функционери.

Во јавноста реакции за непотизам предизвикаа вработувањата на синот и братот на пратеничката на СДСМ Мира Стојчевска, плус унапредувањето на нејзиниот сопруг. Државна работа добија дедото и бабата на генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацоски, ќерката на претседателот на собранието Талат Џафери, сестрите на министрите за економија и за култура Крешник Бектеши и Асав Адеми.

Во државна фирма се вработи и синот на пратеникот од парламентарното мнозинство Горан  Мисовски, но и ќерката на Емилија Александрова и сопругата на Зеќир Рамчиловиќ, кои се од опозицијата, но гласаа во Собранието за уставните измени.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...