Светските мајстори на кујната деновиве се во Охрид на Меѓународниот гастрономски натпревар,„Гастро Мак”. Повеќе од триста готвачи и мастер-шефови од триесеттина држави приготвуваат традиционални јадења од нивните земји, а во рамките на „фиш-фест“, ќе се натпреваруваат во подготовка на охридска риба. Помеѓу учесниците, но во улога на претседател на судскиот тим е еден од најпознатите кувари на овие простори славниот хрватски готвач, Стево Карапанџа.

„Се надевам дека оваа манифестација ќе им ги отвори очите на младите кувари и оти ќе се појави некој нов мал Стево Карапанџа. Многу ми велат ти си виновникот што сум денес кувар. Јас сакам тој тренд да продолжи…“, изјави Стево Карапанџа-готвач од Хрватска.

Но, проблем со кој сопствениците на угостителски објекти денес се соочуваат е неможноста да најдат добри готвачи. Многу обичени млаид кадри заминуваат во Западна Европа поради високата заработувачка.

„За да ги задржите куварите дома треба добро да ги платите. Денес куварите во светот се многу ценети и многу добро платени. Зошто сите да одат во Германија, Австрија и Словенија? И овде треба да им овозможите нормален живот со добри примања. Платите помеѓу 2.500 и 4.000 евра се нормални плати за шефовите на кујни во Европа“, рече Стево Карапанџа-готвач од Хрватска.

Еден од оние кои заминаа надвор од земјава е и охриѓанецот Влатко Ѓеорѓиски, кој сепак деновиве е тука.

„Од една страна тоа се финансиите, иако мислам дека не се толку проблем финансиите, колку што ние немаме добри услови во кујните. Сопствениците малку треба да се загрижат дека треба малку да се вложи во кујната. Да се донесе нова апаратура, а не само да се работи со скара и приготвување на риба“, истакна Влатко Ѓеорѓиески-готвач од Македонија.

Гастрономски натпревар „Гастро Мак” ќе трае до понеделник, ќе се приготвуваат риба и скара на отворено, а приготвеното ќе може да го проба секој кој ќе помина на градскиот кеј.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...