Во полн ек на градежната сезона, во мај реализирани се само 16,5 милиони евра за капитални инвестиции. И во петтиот месец годинава за која владата најави дека ќе има градежен бум, изградбата на капиталните проекти е катастрофална. За пет месеци потрошени се едвај 58 милиони евра од вкупно предвидените 420 милиони за годинава за изградба на патишта, пруги, гасоводи, училишта и други големи проекти. Тоа значи дека процентот на реализација е само 13,7. Премерот Зоран Заев, кој за неколку дена ќе ја преземе и функцијата министер за финансии, пред два месеци најави дека ќе забрза изградбата на капитални проекти во вториот и третиот квартал. Со прекројување на државната каса во текот на летото, тој најави и старт на нови капитални проекти иако старите слабо се реализираат. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, пак и покрај катастрофалните податоци од извршувањето на буџетот за пет месеци, на Фејсбук се огласи дека бележи одлична реализација во неговиот сектор.

Оваа 2019 година се собираат плодовите од затекнатите административни пречки од минатиот период. Заклучно со јуни реализираме 50% од гасификацијата. Уште од сега со сигурност може да најавам 100% исполнување на овој клучен проект. Изградбата на социјалните згради е 100% реализација. Во моментов работиме на изградба и рехабилитација на 44 патишта или вкупно 550 километри. Течат 28 проекти за изградба на 187 километри комунална мрежа која ќе служи за 225 илјади жители – рече Горан Сугарески, Министер за транспорт и врски.

Слаба реализација на капиталните инвестиции имавме и минатата година. Од Илинденска се правдаа со лошо проектирани проекти од претходната Влада на Груевски. Годината заврши со реализација од едвај половина од планираното.

Александра Спасовска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...