Иницијативата позната како Мал Шенген, не е идеја за создавање на нова Југославија, туку идеја за создавање на поразличен Балкан од тој кој го познаваме, беше порачано од Охрид, каде лидерите на земјите од Западен Балакан во Охрид ги договорија приоритетите за реализацијата на оваа иницијатива.Македонскиот премиер, кој беше домаќин на Самитот истакна дека регионот се менува кон подобро место за живеење и сака да стане позначаен фактор на европскиот континент.

„Јас навистина се надевам дека сите учесници во овој процес ќе го прегрнат овој акциски план и оваа иницијатива затоа што носи добро за целиот Балкан но и не факторизира уште повеќе пред западно-европските земји каде сакаме да се приклучиме. Уште еднаш напоменувам дека сето тоа што го правиме, за првпат  е иницијатива од нас самите, која може да биде само дополнително додавање вредност на она што европските институции го работеа со сите нас, да го подобриме животот и перспективите на овој дел од европските континент“-изјави Зоран Заев, премиер на Македонија.

„Направивме нешто што е голема работа и многу луѓе не го разбираат она што го работиме бидејќи гледам дека Рама е под притисок, а мене во текот на изборна кампања моите политички противници ме обвинуваа дека со изградбата на автопатот Куршумија – Ниш- Прокупље – Приштина јас правам пат за Голема Албанија. Можеби ова некој ќе се обиде да ни го уништи, можеби ќе ни пропадне, но ова секако ќе биде иднина. Тука нема никакви Југославии, тука има само подобар живот на нашите граѓани. Амбиент на нормалност, а не амбиент на судири. Ќе можеме до крајот на оваа година да влегуваме во Албанија со лична карта а исто и Албанците во Србија“-рече Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Албанскиот премиер, Еди Рама рече дека идејата не е да се подели Западен Балкан туку регионот да се обедини. Тој изрази жалење што Косово не е присутен во Охрид.

„Тоа е иницијатива која има за цел да се поттикне понатаму процесот. Нејзина карактеристика е дека таа доаѓа како внатрешна желба, а не како патронат однадвор. При мојата посета на Србија поминав во Прешево, каде им ветив на граѓаните на Прешево дека нивните дипломи ќе бидат признаени и ќе можат да работат во Црна Гора и во Албанија. Како се уште ова прашање треба да се подобри? Не треба да се навраќаме на старите работи туку да работиме со нов дух. Тој што мисли дека ќе може да се потпира на патриотизмот е со краток рок, навистина греши. Добро е да бидеме заедно и да бидеме на иста маса “-изјави Еди Рама, премиер на Албанија.

Босна и Херцеговина и Црна Гора иако дојдоа во Охрид, сепак дополнително ќе одлучуваат дали ќе и се приклучат на оваа иницијатива.

„БиХ не учествуваше ниту во подготовката на оваа иницијатива и ги информирав моите колеги, дека ние во БиХ, немаме консензус за оваа иницијатива и немаме дефинитивен став во врска со оваа иницијатива и дека е потребно институциите, како што е Советот на министри и Претседателството и официјално да бидат запознаени со оваа иницијатива и очекуваните ефекти од неа. Добивме гаранција од нашите колеги дека оваа иницијатива не претставува било каков обид за супституција на европската интеграција на регионот“-рече Денис Звиздич, Претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина.

„Во Црна Гора секоја иницијатива се разгледува од два аспекти. Дали тоа го забрзува нашиот пат кон ЕУ, дали ги забрзува европските интеграции, бидејќи за Црна Гора не постои алтернатива на европските интеграции. А, од друга страна секоја иницијатива мора да биде вреднувана какви бенефити ќе им носи на нашите граѓани и на стопанството на Црна Гора. Истата судбина ќе ја има и оваа иницијатива“-рече Драгица Секулиќ, министер за економија на Цена Гора.

Иницијативата предвидува отстранување на сите препреки за слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал. На граничните премини, покрај заедничките царински контроли ќе има заедничка соработка на фитосанитарните контроли, а граѓаните во трите земји ќе патуваат само со лични карти од 2020 година. Ќе се овозможи отворен пазар, и пристап за бизнис иницијативи во целиот регион. Беше кажано дека  ова на Македонија, Србија и Албанија во прв момент ќе им овозможи вкупна заштеда од 229 милиони евра и оти крајната цел е да се овозможи економски напредок на регионот и целосна негова демократска трансформација.

„Лидерите на Западен Балкан од Охрид порачаа дека и покрај оваа иницијатива нивна крајна цел останува интеграција и членство на регионот во ЕУ. Следниот состанок ќе се одржи во Драч Албанија на 21 декември“

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...