Либерализацијата на пазарот со електрична енергија останува само на хартија. И по два месеци од воведувањето на слободниот пазар компаниите кои имаат лиценци за снабдување со струја засега не излегоа со понуда за домаќинствата.

„За жал, во изминатиот период снабдувачите, пред сè поради повисоките цени на електрична енергија на пазарот во Македонија но и на регионалниот пазар, каде што цената е околу од 70 до 80 евра, за мегават час. Сè уште нема интерес да ги понудат своите услуги на домаќинствата“, рече Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

На регулираниот пазар или како што си беше досега, електричната енергија е поевтина во однос на новите правила кои ги предвидува либерализацијата. Подолг период, властите и експертите од областа на енергетиката ја убедуваа јавноста дека со воведувањето на либерализацијата, цената на струјата ќе се намали, а граѓаните ќе имаат право на избор од кого да се снабдуваат.

Засега овој бенефит го уживаат само компаниите. Регулаторот вели дека граѓаните кои нема да излезат на слободниот пазар нема да плаќаат повисоки сметки за струја. За оние домаќинства кои ќе го задржат стариот принцип, електрична енергија ќе добиваат од Универзалниот снабдувач кој ќе биде познат за десетина дена.

„До формално правно започнување на вршење на оваа дејност на Универзалниот снабдувач, ќе треба да поминат два до три месеци во формални постапки во РКЕ“, додава првиот човек на РКЕ.

Интерес да станат универзален снабдувач пројавија две фирми-ќерки на ЕЛЕМ и ЕВН. Само една од нив ќе ја добие работата. Инаку, пред околу една недела од Европската енергетска заедница Владата доби неколку остри критики. Првиот човек на заедницата Јанез Копач ги искара властите од Македонија дека либерализацијата не е во целост спроведена.

Дополнително, во извештајот за напредокот на полето на енергетиката е наведено дека Македонија е далеку од процентот на струја кој треба да го  произведува од обновливи извори. Под знак прашалник е и навремената изработка на планот за енергетска ефикасност кој властите треба да го завршат до крајот на април годинава.

Во делот на енергетиката дополнително проблематично е и тоа што, во земјава иако има закон за нафтени резерви, тој не се применува на терен.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me