Со поклонување кај гробиштата на хероите во Преказ, косовскиот државен врв ја почна прославата на 12 годишнината од независноста на Косово. Премиерот Албин Курти и претседателката на Собранието, Вјоса Османи положија цвеќе во меморијалниот комплекс на семејството Јашари, за кое рекоа дека е почеток на жртвата за темелите на новата држава Косово.

„Ја чествуваме оваа 12 годишнина на нашата независност, жртвата на семејството Јашари, на легендарниот командант Адем Јашари и сите членови на ова семејство кое се жртвуваше за ние денес да уживаме во слободата, да се радуваме на наша држава. Токму ова е местото каде се потврдува родољубивоста која е симбол како се сака земјата и тоа треба да продолжи да биде водич за нашата работа и за идните генерации.“-рече Вјоса Османи, претседателка на Собранието на Косово.

Во главниот град чествувањата почнаа од пладне. Многу граѓани од целата земја со песни и ора празнуваа во Приштина.

„Ова е прва годишнина на нашата Влада како го организира овој важен датум за нашата држава Косово. Ние на меѓународните конференции разговараме со нашите меѓународни пријатели, со нашите партнери, со оние кои ни помогнаа со поддршка за новата влада. Трпеливо работиме да ги објасниме нашите позиции и да градиме мостови кои се потребни за заеднички успеси“-изјави Албин Курти, премиер на Косово.

Свечената седница по повод 12 годишнината од независноста се одржа и во Собранието каде државниот врв на Косово пренесе порака дека независноста на Косово е неповратна и повикаа да се зачува територијалниот суверенитет на државата. Косово прогласи независност на 17 февруари 2008, а досега го признаа 116 држави во светот.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...