Поранешниот американски претседател Бил Клинтон пред косовските граѓани на церемонијата за 20-годишнината од влегувањето на силите на НАТО рече дека е голема чест да престојува во Косово. Потсетувајќи се на бомбардирањето на српските цели, Клинтон рече дека е горд на фактот дека тој бил на чело на светската политика за запирање на геноцидот и убиствата во Косово, истакнувајќи дека САД го поддржуваат Косово во секоја фаза од неговиот развој.

„НАТО функционира најдобро во светот. Генералот Кларк беше командант, но тој потег го поддржаа 90 демократски држави, потег за кој се надевам дека нема да се повтори. САД се со вас веќе 20 години без оглед на тоа каква политичката партија беше во Белата куќа“, изјави Клинтон.

Медлин Олбрајт рече дека Алијансата била обединета и успеала бидејќи каузата била правична.

„Војната во Косово беше варварска војна. Ние победивме бидејќи Алијансата беше силна и успеавме бидејќи беше правична, нашата кампања беше заснована на основите на правдата бидејќи албанскиот народ беше присилно протеран и нашиот одговор беше – не“, рече Олбрајт.

Актуелниот заменик-државен секретар на САД, Метју Палмер, говореше за процесот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, додавајќи дека сега е идеално време да се постигне конечниот договор меѓу двете земји.

„Нема подобро и посоодветно време од сега за да го сториме тоа. Косово и Србија секогаш ќе бидат соседи и ќе бидат многу блиски и се разбира, двете земји мора да ја деблокираат европската иднина и да бидат водени од стабилноста и напредокот“, изјави Палмер.

Поранешниот генерал на НАТО, Весли Кларк, кој од косовскиот претседател Хашим Тачи беше почестен со “Орденот на слободата”, рече дека враќањето во Косово е извонредно искуство.

„Со нетрпение го очекувам времето кога Косово ќе се зачлени во Европската унија и во НАТО… Сакам да ја видам оваа земја како членка на НАТО, бидејќи НАТО е за оние луѓе кои веруваат во слободата“, рече Кларк.

Многу косовски граѓани, исто како што излегоа пред 20 години да ги пречекаат војниците на НАТО и денес излегоа на плоштадите за да ја прослават втората деценија од ослободувањето на Косово и одблиску да ги видат поранешните челници на САД кои го прекинаа етничкото чистење на Косово.

Шклензен Акифи

Loading...

Shpërndaj me

Loading...